Пазарџиите повторно со протест бараат поевтин паркинг

Пазарџии од Зелен пазар втор ден излегоа на протест и ја блокираа улицата кај катната гаража „26 јули“.

Tие се жалат дека не можат повеќе бесплатно да вршат дотур на роба поради поскапувањето на цената за паркирање кај паркиралиштета „Автомакедонија“.

Исто така, сметаат дека нема да дојдат луѓе на Зелен пазар и да платат паркинг 70 денари за еден час. Бараат првиот еден час да е бесплатен, а за секој нареден да важи старата цена.

Сметаат со оваа цена им се нарушува и онака слабиот промет на пазарот, и дека нема да може да опстанат уште долго.

„Паркинзи на општина Центар“ по вчерашниот протест реагираше дека им го затворил паркиралиштето кај „Аутомакедонија“, затоа што било злоупотребувано и пренатрупувано со тешки товарни возила.

„Со воведувањето на овие мерки ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе стави крај на неправилностите кои се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето ‘Аутомакедонија’ кои заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето“, се вели во соопштението.

Според соопштението, пазарџиите кои редовно секоја година добивале повластена паркинг карта и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеле за тешки товарни возила. Порачуваат дека „Скопски Пазар“ треба да обезбеди дел од својата парцела за потребите на своите закупци на тезги.

На последната седница на Советот на Општина Центар во 2019 година сите советници гласаа „за“ и општината донесе одлука за еден час цената да изнесува 50, 60 и 70 денари, во зависност од зоната. Паркирањето се наплаќа по нов ценовник од 8 јануари.

ЈП ПОЦ и Општина Центар започнаа и со нова кампања за подигање на јавната свест „Центар не е паркинг!“, која апелира до граѓаните да ги остават своите автомобили и повеќе да ги користат алтернативните превозни средства, со што сметаат ќе придонесат многу во решавање со паркирањето во општината, намалување на загадувањето и овозможување хумано живеење во центарот на градот.