Закопани во шумските лисја или ѕиркајќи од дрвјата печурките можеби оддаваат впечаток дека се тивки и релативно самоодржливи организми, но нова научна студија покажува дека тие се одлични комуникатори.
Математичка анализа на електричните сигнали кои габите ги испраќаат едни на други регистрираше шаблони кои се многу слични по структурата како и човечкиот говор.
Претходни истражувања сугерираа дека габите ги создаваат електричните импулси преку долги, подземни и тенки структури наречени хифи – што е слично со начинот на кој нервните клетки пренесуваат информации кај луѓето. Дури беше и утврдено дека овие импулси се зголемуваат кога гифите на габите кои конзумираат дрво доаѓаат во контакт со дрвени површини, што ја зголеми можноста дека габите го користат овој електричен „јазик“ да споделуваат информации за храна или повреди со далечни делови од себе, или пак со поврзани партнери преку хифите, како што се дрвјата.
Новото истражување на професорот Ендру Адамацки, од Универзитетот Западна Англија бараше потврда дали овие електрични импулси имаат сличност со човечкиот јазик. Во неговата невообичаена компјутерска лабораторија во Бристол, тој ги анализирал шаблоните во пиковите на електричните сигнали на четири видови габи.
„Не знаеме дали има директна врска меѓу промената во шаблоните кај габите и човечкиот говор. Веројатно нема. Но, од друга страна, има многу сличности во процесирање на информациите кај живите подлоги од различни класи, семејства и видови. Бев љубопитен да ги споредам“, објаснува Адамацки.
Истражувањето, објавено во списанието „Отворена наука на кралското општество“, открива дека овие промени на шаблоните потсетувале на речник до 50 зборови и дека дистрибуцијата на овој „говор на габите“ бил многу сличен на тој кај човековиот јазик.
Како и да е, другите научници ќе треба да видат повеќе докази пред да прифатат дека овие импулси се некаква форма на јазик. Претходно во мрежата на габите биле забележани и други видови на пулсирачко однесување.
„Ова ново истражување регистрира ритмични шаблони во електричните сигнали, на слична фреквенција како нутритивните пулсирања кои сме ги нашле досега. Иако е интересно, интерпретацијата како јазик изгледа прилично ентузијастично и ќе бара многу повеќе истражувања и тестирања на критичните претпоставки пред да видиме „Фунги“ на Гугл Транслејт“, вели Дан Бебер, вонреден професор по бионауки на Универзитетот во Ексетер.