Ракописот со наслов „Зелениот дворец“ од авторот Сибо е победник на четвртото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2022 година.
На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи.
За победникот одлучи жирито во состав: Владимир Јанковски, писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година, Елизабета Баковска, писателка и книжевна теоретичарка и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Од „Арс Ламина“ велат дека „Зелениот дворец“ од Сибо го сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје, а книжевните ликови можат да влезат од една временска димензија во друга.
„’Зелениот дворец‘ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот. Станува збор за динамичен роман, со прецизно исцртани ликови, натопен со хумор и иронија, но и интензивни емотивни сцени“, се вели во образложението на жирито.
Оттаму дополнуваат дека авторот при раскажувањето на приказната користи преклопување и вкрстување на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти.
„Во приказната за талентираниот научник и чудак Петар, кој одеднаш ќе се најде пред една навидум нерешлива егзистенцијална ситуација, авторот комбинира судбини на неколку ликови од неколку временски слоеви на Скопје“, објаснуваат организаторите.
Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година, влегоа и романите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон, кои се издвоиле од останатите по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.