Од Музејот на современата уметност во Скопје, започнуваат серија еколошки ангажмани кон зачувување на здравата животна средина, односно серија настани насловени „Пејзаж на вознемиреност“ – култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени.
Ангажманите се однесуваат на климатските состојби и еколошки предизвици, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции, велат од МСУ.
На 4 октомври, во Велес, тим составен од уметници, еколози и биолози – Тихомир Топузовски, Ивана Васева, Кирил Арсовски, Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски и членови на Еколошко друштво од Велес „Вила Зора“во рамки на работилница ќе посетат неколку значајни локалитети во Велес.
Посетени ќе бидат Езерото Младост, велешката топлница и Велешки Ади, по што ќе следува и работна сесија во „Народен музеј“ Велес.
„Главно прашање на проектот е како институциите во културата и уметниците можат да придонесат во справување со овие кризни состојби. Музејот на современата уметност презема важна институционална улога осредоточена на ефектите од климатските промени, погрешните локални политики, загадувањето на воздухот, депониите, губењето на биодиверзитетот“, велат од МСУ.
Оттаму најавуваат и серија на работилници во Скопје, Битола и Преспа. Тие ќе се реализираат во соработка со локални еколошки друштва и организации, преку кои, новите генерации уметници, истражувачи и активисти во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени.
„Овој процес на едукација и размена на искуства ќе резултира со создавање колаборативни уметнички дела, публикација на рециклирана хартија, и изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во Март 2023 година“, истакнуваат од Музејот.
Според институцијата, Македонија и земјите од Западен Балкан преставуваат средиште на загадувањето во Европа, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии и енергетската сиромаштија на населението.
„Низа фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата и севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните. Културата е суштинска алатка за генерирање на еколошки ангажмани, истовремено влијаејќи на други меѓусебно поврзани агенди, како што се урбаното планирање, социјалната вклученост и правото на здрава животна средина“, нагласуваат од МСУ.