Претседателот Стево Пендаровски денеска го врачи мандатот за состав на нова Влада на Димитар Ковачевски, новиот претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Ковачевски посочи дека од денеска почнува со формирање на новиот тим кој треба да одговори на сериозните предизвици, кои вели дека не чекаат веќе од почетокот на следната година.
„Живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности, соочени сме со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварување на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните. Новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење, што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека негова лична заложба е да се врати довербата на граѓаните во политиката и институциите.
„Мора сите заедно да се стремиме кон градење независни институции и правично општество ако сакаме да ни веруваат оние на кои им служиме. Новата влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа. Секоја минута од нашето време во Владата мора да ја посветиме на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани. Но, оние проблеми за кои секојдневно зборуваат и за кои што ги мачат, а тоа е економската несигурност и животниот стандард“, додаде тој.
Дополнително, тој најави фокус на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата и истакна дека новата влада е одговорна да донесе нов квалитет во јавната комуникација и соработка со сите чинители во општеството.
„Нашата земја е мала и не смее да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии. Тие прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите. Мора да ги надминеме разликите, да се обединиме околу приоритетите и брзо да напредуваме. Граѓаните бараат да видат разлика, да видат напредок, а со тоа и да ја вратат довербата дека можеме и умееме како општество“, посочи Ковачевски.
Ковачевски сега има рок од 20 дена да поднесе програма и да го предложи составот на новата Влада на гласање во Собранието.
Врачувањето на нов мандат за состав на Влада доаѓа откако поранешниот премиер Зоран Заев даде оставка од премиерската функција поради резултатот од последните локални избори.