Пендаровски не го потпиша Указот за Законот за дивоградби: Пратениците да размислат пред повторно да одлучуваат

Претседателот Стево Пендаровски го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Пендаровски апелира до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.

Пендаровски соопштува дека неговата одлука ја донел врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдил дека тој е во спротивност од темелните вредности на Уставот.

„Сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“, се вели во сооштението од Кабинетот на Претседателот.

Меѓу другото, Пендаровски посочува дека со фактот што овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност.

„Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи“, стои во соопштението.

Понатаму, посочува дека со законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

„Донесениот Закон, исто така, е спротивен на член 43 од Уставот во кој секому се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во ‘строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење’“., вели Пендаровски.

Ваквата можност, посочува претседателот, е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина. Дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита, вели тој, исто така е законска обврска на државата.

Претседателот констатира дека владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади.

„Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение“, соопштува Пендаровски.

Инаку, Законот беше донесен по скратена постапка на 11 мај, поддржан и од власта и опозицијата со 72 гласа „за“ и 5 гласа „против“, а три пратеници беа воздржани.

Законот предизвика бура од реакции во јавноста. Државната корупција за заштита од корупција (ДКСК) најави дека Законот ќе го дадат пред Уставен суд. Билјана Ивановска од ДКСК рече дека ако стапи на сила „тогаш можеме да ставиме крст на сите други закони“.

Истовремено, неколку пратеници упатија писмо до Пендаровски да не го потпишува Указот.

Истото дојде од „Еко-свест“, Светскиот фонд за природа, но и од „02 Иницијавива“, која алармираше дека со донесување на Законот „може слободно да ја погребаме надежта за правна држава на овие простори“.

„О2 Иницијава“ денеска велат дека на ред се повторно пратениците. Според законодавната постапка, ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за законот, како во случајов, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

„Сега ќе видиме кој од што штоф е направен“, коментираат од „О2 Иницијатива“.

Б.Ш.