„Не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на повисоки состојби, како вонредна или кризна состојба на цела територија на земјата, согласно сите проценки на надлежниот сектор. Прво, основно е дека засега нема потреба. Ако има потреба, Советот до Владата може да предложи проширување низ другите општини. Сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата и навремено реагираат на терен. Второ, јасно е дека, за жал, така е секаде во светот – кризата ќе трае“.
Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски, како заклучок на Советот за безбедност, кој попладнево ја имаше својата трета средба.
Заклучокот на Советот за Центар Жупа и Дебар, каде е прогласена кризна состојба, е дека има одлична соработка меѓу надлежните министерства, АРМ и локалната самоуправа.
„Заклучок е дека треба да им се даде посебно признание на граѓаните на овие општини, кои доследно ги применуваат сите препораки и мерки“, рече Пендаровски.
Понатаму, според презентација на Министерството за здравство, Советот заклучил дека максимално е мобилизиран целокупниот здравствен кадар, сите здравствени работници во земјава.
„Заклучокот од она што го изнесе министерот за здравство, во однос на можноста од ширење на вирусот, е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна, адекватна на ризиците на кои сме изложени. За ова зборуваат проценките и оценките на Светската здравствена организација, која тврди дека ние сме државата во целиот регион која најдоследно ги имплементира мерките предложени од нив“, соопшти Пендаровски.
По потреба, нагласи тој, Советот за безбедност ќе се состанува секој ден.
Во име на Советот, упати апел до граѓаните стрикно да ги почитуваат сите достапни и соопштени мерки.
„Тоа е секаде потврдено низ светот – тоа е најдобриот начин да прекине да се шири болеста“, нагласи претседателот.
Упати апел и до македонските државјани да не патуваат до земји кои се високи или средно ризични. Исто така, апелираше и до државјаните кои работат низ земјите низ светот – без голема потреба да не се враќаат во земјава, бидејќи, вели тој, секој трансфер од неколку територии можат да ги донесат во ситуација да бидат во контат со заразени лица.
Околу изборите, Пендаровски рече дека утре ќе има лидерска средба на партиите со единствена точка – одлука околу судбината на изборите. Информираше и дека со официјален допис ОБСЕ/ОДИХР ја откажала мониторинг-мисијата на изборите.