Македонскиот претседател Стево Пендаровски, на Регионалниот форум на млади лидери во Нови Сад изјави дека би се иселил од својата земја доколку не е претседател. Никој не е луд да го троши животот додека преговорите со ЕУ траат со години, а просечната плата во земјата е 400 евра, рече Пендаровски.
Подоцна, преку соопштение до медиумите од Кабинетот на претседателот стигна и дообјаснување на изјавата.
„Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучително и моја. Доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат.
Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома”, стои во дообјаснувањето на Пендаровски.
Пендровски денеска учествуваше на Регионалниот форум на млади лидери: Иднината на Западен Балкан лежи во младите и одговараше на прашањата на младите. На панел дискусијата заедно со него говореа и Александар Вучиќ – претседател на Србија, Борут Пахор – претседател на Словенија, Стефани Спировска, Анџела Мичановиќ, Ема Крунјиќ и Аулоне Мемети.