„People in Need“ објави повик за обуки и грантови за грасрут организации кои работат на циркуларна економија

Организацијата „People in Need“ (ПИН) објави повик за сеопфатни обуки и грантова поддршка за грасрут граѓански организации и неформални групи посветени на циркуларната економија и намалувањето на отпадот во земјава.

Во период од две години, ПИН се наведува дека ќе обезбеди два циклуса на обуки за најмалку 23 граѓански грасрут организации, со седиште надвор од Скопје.

„Обуките ќе се фокусираат на зајакнување на нивните организациски капацитети, знаења од областа на циркуларната економија, капацитетите за застапување и внатрешните процедури за управување. Во првиот циклус ќе бидат опфатени најмалку 12 граѓански организации, додека во вториот циклус учество ќе земат најмалку 11 организации“, велат од ПИН.

Учесниците, како што посочуваат, ќе се вклучат во наменски креирани онлајн сесии кои ги опфаќаат темите вовед во циркуларна економија, зелена агенда и рамки на политики, принципи на кружен (циркуларен) дизајн и бизнис модели, управување со отпад и рециклирање, застапување и партиципативен дијалог за политики, организациска визија и стратегија, прибирање средства, вклучително и развивање предлози за зелено финансирање, видливост на акции финансирани од ЕУ и управување со проекти, вклучувајќи финансиски и оперативни аспекти.

По завршувањето на обуките, од 12 организации учеснички во првиот циклус ќе бидат избрани осум организации кои се квалификувани да добијат грантови до 3.000 евра за поддршка на локално водени иницијативи за управување со отпадот, намалување на отпадот, повторна употреба, рециклирање и надградување на отпадот, додаваат од ПИН.

Деталите за повикот се достапни на следниов ЛИНК.