Неколку актерки со пораки во своите раце денеска застанаа до поранешната Канцеларија на претседателот во Скопје. Станува збор за перформансот „Место за поддршка“, а пораките се всушност извадоци од сведоштва на жени кои биле жртви на насилство на своите работни места.
Авторка на перформансот е режисерката Драгана Гунин, која заедно со помош на истражувачки тим периодов собрале околу 500 сведоштва од жени преку онлајн анкета и интервјуа.
Таа сакала да прикаже корупција на работните места, а најдобар начин да го направи тоа според неа било преку сексторзијата, односно сексуално вознемирување и уценување на работно место. Најчесто, вели таа, ова доаѓало од мажи на позиција на моќ кон своите работнички.
„Од страна на лице кое е на позиција на моќ, доста често се случува да е маж наспроти жена, со уценување во сексуална конотација, или побарување на некоја одредена услуга. Кога се случува од страна на жена кон жена е претежно со навреди и психичко малтретирање. Меѓутоа, имавме и сведоштва од мажи кои и од машко и од женско лице на позиција на моќ доживувале насилство, претежно психичко“, вели Гунин.
Приказните доаѓале од цела држава, претежно анонимно. Според Гунин, жртвите се уште не се чувствуваат сигурно да излезат јавно да зборуваат за овој проблем .
„Како што знаеме, живееме во општество кое претежно осудува, не прифаќа или ја обвинува жртвата, во случајов жената“, дополни таа.
Во перформансот учествуваа Емине Халил, Владанка Димкивска и Енџи Николоска.
Ова е продолжение на истражувањето за сексуално вознемирување на студентки од страна на професори, каде исто така имаше доста собрано искуства.
Наскоро, Гунин најави и документарно видео во кое ќе се спојат перформансот и наодите од истражувањето за сексуалното вознемирување врз жените на работните места.
И.С/Е.П.