Во паркот на Ѓорче Петров утре (среда, 30 јуни) од 20 часот ќе се одржи перформансот „Мене ништо не ми пречи“ на „Театар Пи“.
Се работи за концерт на класична музика и џез импровизации со Дино Имери, Дино Рамо, Ема Ананисевска, Златко Митрески, Игор Ангелов, Јаков Ангелов, Ева Малин, Ана Тодоровска и изложба на фотографии чии автори се лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП- Порака Скопје и ученици од основите училишта Димитар Поп-Беровски, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Јоаким Крчовски.
„Во перформансот ‘Мене ништо не ми пречи’ учествуваат лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој како и професионални музичари и уметници кои ги водеа работилниците во изминатите 5 месеци чиј резултат е утрешниот настан. Музичките работилници ги водеше музичарот Дино Имери, а фотографските фотографот Благоја Блажевски“, се вели во најавата за настанот.
Ова е реализација на првиот дел од кампањата „Мене ништо не ми пречи“ после кој следуваат театарски работилници и театарски перформанс кој ќе го водат актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска.
Проектот се реализира во соработка со Општина Ѓорче Петров и основните училишта во Ѓорче, ЦПЛИП – Порака Скопје и е поддржан од Општина Ѓорче Петров, Министерство за култура, Европската унија и Амбасадата на Полска.