Група уметници ги здружија своите креативни сили за да го реализираат перформансот „Драга Републико“, кој премиерно ќе биде изведен на 26 септември (недела) во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје. По ова, ќе следува и концерт на Мухамед Ибраими со почеток во 21:30 часот.
„Драга Републико“ е перформанс есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава.
Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено – политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој, стои во најавата за настанот.
„Драга Републико, Духот на Вечниот фашизам секогаш е тука! Еве го дува, како ветрот на гробиштата! Еве го на плоштадот, меѓу толпата мускулести мажи, воини од гипс и железо, по гаќи, со пламен в рака, ене го во тупаниците кои ги удираат различните со крстот високо угоре, ене го зад булдожерите кои врз парковите градат приватни палати, ене го искри во пламените кои ги голтаат нашите шуми, нашите згради, нашите тела. Мораме да бидеме во состојба на постојано внимание за да не биде заборавена неговата тендеција на ирационалност, култ кон традиција и одбивање на било што прогресивно, различно и со тоа несогласливо, кое ја зголемува фрустрацијата и создава безброј идеи за завери и непријатели а со тоа и перманентно војување за да се докаже својата непобитност, својата величина и херојство, мачизмот и народството…“, се наведува во самото дело.
Перформансот ќе биде одигран и на 27 септември (понеделник) во 19.30 и во 22.00 часот; 29 септември (среда) во 19.30 и 22.00 часот; 30 септември (четврток) во 19.30 часот и на втори октомври (сабота) во 19.30 и во 22.00 часот. Влезот е бесплатен, но поради пандемијата со Ковид-19 бројот на гледачи е ограничен на 60 и резервациите на билети може да се на направат на мејл адресата artprojectskopje@gmail.com
На „Драга Републико“ работеа:
Филип Јовановски, уметник и развој на перформансот
Кристина Леловац, изведувачка и развој на перформансот
Ивана Васева, кураторка
Викторија Илиоска, кореографка и развој на перформансот
Емилија Чочкова, продуцентка
Дениз Ајдаревиќ, изведувач
Бранко Атанасов, изведувач
Симона Димковска, изведувачка
Проектот се реализира со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години независност.