Танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска ќе се одигра вечерва (21 април) од 19 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Изведбата на перформаност е во склоп на програмата со француската организација „#ONDA“.
„Ние шмукаме, цицаме, извлекуваме и го исцедуваме земното тело за да ги збогатиме нашите животи, празнејќи ги нашите иднини. Во исто време, ги инјектираме, зголемуваме, и ги помпаме нашите тела, преминувајќи преку нивните капацитети. Во свет каде што уживаме лажна слика на бескрајни ресурси, како продолжуваме и понатаму да пумпаме? Кога се влече од едната страна, се исцедува другата. На крајот можеби ова дело ќе зборува повеќе за трошење, празнење и исцрпување. Едно е сигурно, ‘Ми треба ново тело’ ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат“, се посочува во најавата за настанот.
Концептот и кореографијата е на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, изведбата е на Илиоска и Ѕубан, позајмените гласови се на Амели Халлер и Марен Кјуппер, а изведбата е во копродукција помеѓу Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата/програм Кореографирани тела, MOT+ програма, „Life Long Burning“/Програм „Performance Situation Room“, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска.
Изведбата е поддржана од Министерство за култура и Креативна Европа – во рамки на „Life Long Burning“ проект.
Билетите се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.