Со краток поздравен говор и без непотребна фанфара, вчера вечер започна седмото издание на театарскиот фестивал „Лица без маски“. На фестивалот во текот на петте дена ќе можат да се погледнат 11 театарски перформанси или „11 вистини“ во зборовите на Миодраг Костиќ, директор на фестивалот.
Фестивалот традиционално се фокусира на експерименталните и алтернативните форми на театарското изразување, па и оваа година гостите треба да очекуваат колаж на дела, различни по пристапот и содржината од театарските дела кои најчесто се играат на домашната сцена.
Фестивалот го отвори перформансот „Плацебо“ , во режија на Ана Пампоулова. Целта на перформансот, според Пампоулова, е да создаде одредени чувства кај гледачот, без притоа да создава прецизно формулирана приказна. Првите неколку минути од претставата изгледаа круто, на моменти недефинирани. Токму тогаш кога почнавме да мислиме дека претставата ќе западне во веќе видена рутина на студија на движења, на грациозност без насока, Пампоулова и нејзината трупа го подигнаа интензитетот и ја вклучија и компјутерската анимација.
Низ серија на мали вињети, танчерките играа сами, во пар, во група, наспроти анимирани ликови и објекти. Интересниот избор на музика – од изведби на пијано и виолина до трип-хоп, даунтемпо и ДнБ – и даде живот и свежина на играта.
Компјутерската анимација беше органски интегрирана во танцот, а синхронизираната кореографија само ја потенцираше интеракцијата помеѓу танчерките. Што се однесува до самата трупа, кога нивните лица не беа задлабочени во концентрација, можевме да видиме како си разменуваат мали насмевки едни со други. Очигледно беше дека сакаат да играат заедно и дека им годеше сцената.
Ако првиот учесник на фестивалот е било каков индикатор за целокупната содржина на него, можеме да очекуваме одлични настапи во текот на наредните неколку денови.
Програмата за фестивалот „Лица без Маски“ е достапна на следниот линк.
Атанас Димитров