Според британскиот речник „Колинс“, Збор на годината за 2022 е „пермакриза“, пишува „Гардијан“.
Брегзит, Ковид-19, војна, климатски катастрофи, надолна економија, политичка нестабилност, чувство на глобална „помрачина“ – за сево ова постои еден збор, кој според речникот „Колис“ е Збор на годината за 2022 – „пермакриза“.
Зборот е објаснет како „подолг временски период на нестабилност и несигурност“, а за поголем дел од луѓето ова е точно сумирање на последните неколку години. Од „Колинс“ истакнуваат дека го избрале зборот бидејќи „совршено опишува колку 2022 година е ужасна за голем број луѓе“.
Зборот „пермакриза“ се наоѓа на врвот на топ листата од 10 збора, која ги вклучува и зборовите „Партигејт“, „Киев“, „тивок отказ“, како и „промена на вибрацијата“.
„Тивок отказ“ како термин го опишува феноменот на извршување само на основните работни задачи и ништо повеќе, со цел да се стави крај на натпреварувачкиот кариеризам и одговарање на мејлови надвор од работното време, додека „промена на вибрацијата“ значи значајна промена во преовладувачката атмосфера или култура“.
Според Алекс Бикрофт, претставник од речникот „Колинс“, целата листа на зборови ја рефлектира сегашната состојба на светот.
„Јазикот е огледало на она што се случува во општеството и поширокиот свет. Оваа година ни понуди многу предизвици. По Брегзит, пандемијата, климатските промени, војната во Украина, политичката нестабилност, растот на трошоците на живеење и енергетска криза, разбирливо е дека луѓето се чувствуваат како да живеат во константна состојба на неизвесност и загриженост“, нагласи Бикрофт.
Речникот „Колинс“ ја надгледува својата база од 18 милијарди зборови, како и база на термини од интернет и медиумски извори со цел да создаде годишна листа на нови и значајни зборови.