Третата самостојна изложба на уметникот Стефан Јакимовски ќе биде отворена утре (18 ноември) во 21:00 часот во барот „наГоре“ во Струмица.
Изложбата со назив „Персонификација“ е составена од 12 графики кои се доработени со рапитографи и маркери со цел да ја добијат последната форма.
„Тематиките кои се застапени се најчесто конфузно и елементарно сочинети од најразлични детали, симболи и интервенции кои формираат целина. Претставуваат соодветна метафора на хаосот во кој живееме секојдневно, испреплетување на емоции и моментални умствени премрежја. Небаре извадени од тефтерот на уметникот, препознаени како doodles, тие не секогаш имаат задача да пренесат конкретна порака, но се обидуваат да внесат ред во просторот на хартијата и истовремено да пренесат збир од најразлични доживувања на светот, но и внатрежнитесостојби на човек кој е во потрага по одговори за животот кој го опкружува“, стои во описот за изложбата.
Делата, како што опишува уметникот, се работени за време на студиите, како потенцијални скици за идни дела, а подоцна со доработка во соодветна техника и материјали се категоризираат во ликовната дисциплина цртеж.
„Во време на брзо живеење, да се биде креатор, но и сведок на концизни, збиени, а навидум детски и искрени цртежи, кои во својата структура кријат заборавени приказни е навистина уникатна прилика“, вели Јакимовски.
Изложбата се организира како соработка меѓу Здружението за развој и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ и барот „наГоре“.
Стефан Јакимовски дипломирал графика со сценографија на Факултетот за ликовни уметности „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 2016 година, во класата на проф. Славица Јанашлиева. Има реализирано две самостојни изложби, учествувано на десетина домашни и меѓународни изложби и неколку ликовни колонии.