„Песот со тажен поглед“ од писателката Оливера Николова ја освои наградата „Роман на годината“, на годишниот конкурс за најдобар македонски роман, поддржан од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Николова е првата писателка која по вторпат ја добива наградата за „Роман на годината“. Таа ја освои оваа награда и за нејзиниот роман „Куклите на Росица“ (2004).
„Најновиот роман на Оливера Николова, „Песот со тажен поглед“ е величенствено верен на нејзиниот модел, романи со „подготовка“, со истражување, со подметување божем обичен тенок лист хартија во фактите, кој потоа, внатре, во самите факти, се отвора како цел фиктивен книжевен град. Како оние сликовници чиишто страници се претвораат со замоци и други чуда во три димензии, изникнувајќи од обична книга. Само навидум како секоја друга, „Песот со тажен поглед“ е токму таков фиктивен книжевен град изникнат на листот мушнат во „Мојот балкански дневник“ од Џ. Џонстрон Абрахам. Оваа мемоаристичка книга Николова, не ја крие, напротив, со неа го започнува својот роман, заблагодарувајќи му се на Џ. Џ. Абрахам и целиот свој роман именувајќи го како ехно на неговите спомени“, пишува писателката Оливера Ќорвезироска во краткиот осврт за романот.
Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската литература – Зоки Поки, но и по делата „Земја во која никогаш не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“ и Мојот звук“. Николова е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.
Оливера Николова е автор и на неколку телевизиски игри како „Зоки Поки“, „Среќен пат, Зоки!“ и „Девојките на Марко“ .
Во најтесниот избор за годинашната награда „Роман на годината“ се натпреварува романите „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков („Или-Или“), „Пагански времиња“ од Драги Михајлоски („Просветно дело“), „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова („Матица македонска“), „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски („Или-Или“) и „Приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2019 година, ја составуваат Николина Андова Шопова, минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата, писателот Милован Стефановски , Весна Мојсова Чепишевска, професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, писателот Славе Ѓорѓо Димовски и Катерина Богоева, претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава се врачи по 21 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.