На 17 ноември 1939 година, нацистите убија 20 чехословачки студенти што излегоа и протестираа против окупацијата. Околу 1.200 студенти тогаш беа одведени во концентрациони логори, при што беа стрелани девет професори и студенти, а студентските домови и универзитетите беа претворени во касарни. Протестот на студентите стана симбол на отпор, пргавост и жилавост, па 17 ноември денеска се одбележува како Меѓународен ден на студентите.
По повод овој Ден на Правниот факултет при УКИМ се одржа настанот „Регионална станица студентска“, каде беа истакнати проблемите и потребите на студентите, како на денешните, така и на минатите генерации. Притоа се одржа и саем на младински организации, панел-дискусии, а воедно беше направена и ретроспектива на студентското организирање, за да се одбележи пет години од формирањето на студентските собранија.
View this post on Instagram
Борјан Ефтимов, кој беше првиот студентски лидер на УКИМ откако се промени Законот за високо образование, рече дека зачетокот на новиот модел на организирање е откако во 2008 година се собрала група студенти со идеја за реформирање на студентското движење во Македонија.
„Паролата ‘Да бидеме реални и да го бараме невозможното’ е парола која стои и зад настаните и дискусии кои ги организираа овие студенти, се’ со цел да создадат едно демократско претставничко тело кое адекватно ќе ги застапува студентите. Се бореле, артикулирале една идеја, но не дошле до крајниот резултат, барем од нивната тогашна перспектива“, рече Ефтимов.
Понатаму, 2010-2011 се формира движењето „Студентски индекс“, кое според Ефтимов исто така има грандиозни идеи, ги наследува овие студенти, учи од нив и започнува идеја за бесплатно, квалитетно, автономно високо образование.
„И тие го посакувале невозможното, се бореле. Понатаму, преоѓа во ‘Студентски пленум’, масовните студентски движења и масовните студентски протести кои повторно учат од грешките, од позитивните и негативните искуства на ‘Студентски индекс’. Студентите се организираа во одбрана на автономијата на факултетот, се организираа да спречат одредени политики, кои ја стресоа студентската, универзитетската јавност, и се закануваа дека сериозно ќе ја подредат автономијата на универзитетите. Меѓутоа, тоа движење не беше само реакција на реформите, тоа движење се бореше за една поубава Македонија, пред се’, за еден образовен систем кој ќе биде слободен, еманципаторски, ќе создаде услови за младите да ја развиваат државата“, рече првиот претседател на УСС УКИМ, потсетувајќи дека првите студентски избори беа во 2019, додека во 2020 за прв пат се формираше Универзитетското студентско собрание.
„Верувам дека многу од тие студенти кои се бореа во минатото не ни знаеја дека нивната борба вродила со плод. Горд сум што бев од тој синџир, се надевам дека и идните студенти ќе го продолжат синџирот и ќе го бараат невозможното“, рече Ефтимов.
Ева Цветковска, исто така екс-претседателка на УСС УКИМ, зборуваше за предизвиците на студентското движење. Ја спомена корона-кризата, немањето физички простории за учење, а во посуштинска смисла – апатијата што владеела меѓу студентите.
(Во 2021 година) беше доста тешко да се мотивираат студентите и да се уверат во нашата искрена и чиста мисла, во нашата намера дека сакаме навистина да помогнеме. Генерално, предизвик е да натераш некој да му дадеш поголема визија кога реално живееме во пребрзо време, додека студентското организирање бараше студентите да се вложат во нешто што е поголемо од нив. Бидејќи, претседателот (на УСС УКИМ) е ништо без своите 46 делегати“, посочи Цветкоска.
Паралелно, тешко било да се убедат студентите дека прсти не вмешуваат и политичките партии.
„Ние секако го живеевме ‘драјвот’ на студентските парламенти кои уште некако беа во доживувањето, во перцепцијата на студентите, дека сето тоа е на некаков начин партиски обележано или извалкано, а политичките партии не помагаа. Позицијата на Студентското собрание и на студентите кои се на раководни позиции е да соработуваат и со политичките партии, бидејќи едноставно тоа е реалноста, па ќе беше добро тоа да не беше злоупотребено“, нагласи Цветкоска.
Претпоследниот студентски лидер на УКИМ, Славчо Темелковски, рече дека секогаш се зборува за студентите како одредена авангарда, која се наметнува преку своите ставови и мислења. Клучната поента која ја доловиле студентите во изминатите години, поточно пет години со УСС, вели тој, е таа култура на континуитет која успеале да ја постават во сегашното и идното функционирање.
„Мислам дека тоа е тоа што го движи УСС. Беше започнат Студентскиот културен центар, го завршивме, за денеска да биде она кое Борјан и Ева го замислиле, простор за учење. Студентскиот оброк беше започнат како иницијатива исто така претходно, на почетокот беше како еден тип на субвенција, за сега да функционира како што било замислено од првиот ден. Слободно ќе кажам дека моментално многу други лидери, чинители, повисоки финкционери треба да се огледаат како функционира културата на УСС. Само тоа е начинот да движиме напред“, посочи Темелковски.
Според актуелниот претседател на УСС УКИМ што неодамна го започна и вториот едногодишен мандат, Александар Николовски, моментално околу 140 студенти членуваат во Универзитетското студентско собрание, а плус има членови и во 23-те факултетски студентски собранија. За него е позитивно и тоа што секојдневно комуницираат со Министерството за образование и наука (МОН) и со Клубот за младински прашања во Собранието.
„Имаме успеси, но со што се соочуваме моментално? Не е дека нема проблеми, напротив, моментално градски превоз нема, нашата градоначалничка не овозможи доволно автобуси. Ние би требало да се спремаме веќе за протест затоа што студентите не можат да стигнат на време на полагање на колоквиуми. Исто така, имаме проблеми со студентскиот дом ‘Пелагонија’ каде што недела ипол немаат топла вода – истиот проблем секоја година“, посочи Николовски, кој на настанот зборуваше и за потребата да се воведе бесплатно образование за најдобрите студенти, да се укинат дополнителните давачки, но и да се намалат огромниот број студиски програми, со чија промена би се пополнувал и недостигот на практични вештини.
Што е со соработката меѓу студентските тела?
Студентите на посебен панел споделија примери за тоа како меѓууниверзитетската соработка влијаела врз нивниот начин на работење, но и вмрежување, како на пример тим билдинзи, работилници, па се до настани од едукативен карактер, забави и журки.
Дека комуникацијата меѓу универзитетските студентски собранија е подобрена, според Бојана Томашевска од Американ Колеџ, зборува тоа што е формирано Националното студентско тело.
„Тоа ќе ги подобри сите проблеми со кои се соочуваме ние како студенти, се надевам дека со подобра комуникација ќе успееме да ги примениме сите позитивни примери од соседството и ќе успееме да работиме подеднакво за сите студенти“, рече Томашевска.
Претставникот од Универзитетското студентско собрание на „Гоце Делчев“ во Штип, Александар Величков, смета дека е потребно организациите да се надополнуваат едни со други и да се мотивираат меѓу себе. Истовремено, нужно е паралелно да доаѓа поддршка и од државата.
„Доколку ние имаме квалитетен систем и услови ние ќе го дадеме максимумот. Доколку државата ни овозможи услови за работа ние ќе бидеме покритички настроени и помотивирани. Важно е да се инвестира во студентите и организациите“, изјави Величков.
На настанот беше спомената и заедничката борба што се’ уште не е издвојувана – можноста бесплатно во автобус да се возат сите студенти, без разлика дали доаѓаат од приватни или државни факултети.
„Јавниот градски превоз моментално е непостоечки и ние како студенти на приватните универзитети го немаме, иако законски ни следува. Ние ќе покажеме дека сме истрајни и гласни бидејќи тоа е основна работа која ни треба за да стигнеме до факултет“, изјави Томашевска од Американ Колеџ.
Како оди студентското организирање во регионот?
Студентката Борка Мумовиќ од Црна Гора, нотираше дека во нејзината земја, проблем е тоа што покрај студентскиот парламент, немаат поголеми студентски организации што ги обединуваат студентите од сите програми на универзитетот.
„Ни недостасува тој дух на единство меѓу студентите во Црна Гора. Имаме студентски организации кои се фокусирани само на една специфична област, така што, што се однесува до мојата област, мислам дека главното влијание за подобрување на соработката може да се направи преку две организации, тие се наречени БЕСТ, и АИЕСТЕК, за организирање на некои прекугранични размени“, рече Мумовиќ.
Кога се зборува за меѓународна соработка, студентите од Западен Балкан се соочуваат со неколку предизвици, смета Срѓана Јованиќ од Србија.
„Соочени сме со политичката ситуација, бирократски пречки, јазични бариери, ограничени буџети и неактивност на младите. Во однос на неактивноста, уште од почетокот на глобалната пандемија пред четири години, нашите животи станаа повеќе виртуелни отколку реални. Треба да го промениме тоа. Потребни ни се повеќе вакви активности лице-в-лице. Треба да патуваме, да одиме на студентски патувања, забави, да комуницираме меѓусебно. Студентските размени би можеле да придонесат за надминување на овие пречки, па затоа е важно за нас – студентите, нашите универзитети да соработуваат. Најважната работа е политиката да не биде вклучена во образованието. Според нашиот Закон за високо образование, наведено е дека универзитетите и академскиот простор имаат автономија“, нагласи Јованиќ.
Инаку, денешните панел-дискусии на Правен факултет беа во организација на Младински образовен форум, УСС УКИМ и Канцеларијата за регионална младинска соработка (РИКО). Меѓународниот ден на студентите ќе биде заокружен со целовечерен настан за вмрежување и забава во „Лабораториум“, каде ќе биде лансирана и платформата за Студентска работа – „Линкер“.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски, Симона Паскоска, Мартин Колоски и Ангела Петкова