Пет илјади ученици полагаат тестови за меѓународната студија ТИМСС

Вкупно 5.000 ученици од 150 училишта во државата деновиве се тестираат за потребите на ТИМСС меѓународната студија. Како што информира Билјана Михајловска, директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), децата полагаат на лаптопи во сопственост на ДИЦ, бидејќи така налагаат правилата и се носат во училиштата каде што се реализира тестирањето, пишува новинската агенција Мета.

„Минатата година тестиравме исто така за ТИМСС, а годинава е лонгитудиналната студија, која се применува на истиот примерок ученици. Тестираме петтоодделенци, кои и лани во четврто беа тестирани, а целта е да се види колку напреднале во текот на една учебна година. Ланските резултати ќе бидат готови на крајот на оваа година“, вели Михајловска за Мета.мк.

Секој ден вработените во ДИЦ тестираат деца во пет училишта.

Минатата година во април започна тестирањето ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study). Со учеството во меѓународните студии, се мерат постигањата на учениците и се добиваат бројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигнувањата на учениците, работата на наставниците, како и споредувањето на постигнувањето на учениците на меѓународно ниво.

ТИМСС е меѓународна студија по математика и предмети од природни науки која ги мери знаењата во овие области. Тестирањето опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата.

На 2 мај лани беше прекинато ова тестирање поради штрајкот на вработените во ДИЦ за поголеми плати. Поради штрајкот беа стопирани многу процеси кои оваа институција ги организира и реализира. Таков беше и случајот со државната матура, која законски е услов за упис на факултет.

Македонија последен пат учествуваше во ТИМСС во 2019 година. Резултатите покажаа дека според знаењата по математика, нашите ученици се под интернационалниот просек, со освоени 472 поени. Под интернационалниот просек сме и по постигањата по природни науки, во друштво со Катар, Азербејџан, Кувајт, Филипини и други. Најдобри постигања по природни науки убедливо имаат учениците од Сингапур. По нив следуваат Кореја, Русија, Јапонија.