Пет иницијативи се доставени до Уставниот суд во врска со личните карти, возачките дозволи и пасошите. Иницијативите се однесуваат за периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење бидејќи некои сѐ уште се со важност, како и на правото на слобода на движење, рече претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска, пренесува Мета.
Сепак, таа потенцираше дека слободата на движењето не е во надлежност на Уставниот суд и ја истакна потребата на правото на уставна тужба.
„Токму тука би нагласила дека сега политичарите, се надевам, ќе разберат зошто 2,5 години бев силен поддржувач на воведувањето на уставната тужба. Ако ние го имавме овој институт, уставна тужба, тогаш граѓаните ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое нивно барање, за секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот“, рече Кацарска, одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на поштенска марка по повод 60 години постоењето на Уставниот суд.
За проблемот со патните исправи BМРО-ДПМНЕ денеска поднесе кривична пријава во Јавното обвинителство против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Спасовски во овој период, од 12.02.2019 па до средината на 2021 година свесно и директно, раководејќи со Министерството за внатрешни работи, кое впрочем ги издава овие документи, нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета. Впрочем тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата. И оваа кривична пријава впрочем се заснова на прекршување на членовите 353 став 1 и 353-в став 5 од Кривичниот закон“, изјави Јанушев, пратеник и поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.