Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека се регистрирани пет смртни случаи од Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал 69-годишен пациент од Скопје хоспитализиран на 15 мај.
„Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (70г) примен во болницата на 17 мај и двајца од Скопје, пациент на возраст од 70 години, примен на 28 мај и 47 годишен пациент на болничко лекување од 21 мај“, се додава во соопштението на МЗ.
Во денешниот извештај на Институтот за јавно здравје е евидентирано и бебето од Скопје кое на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија каде починало. Бебето било хоспитализирано на Детската клкиника и имало позитивен резултат на Ковид-19.
Од МЗ информираат дека Институтот за јавно здравје регистрирал 19 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се 35 нови случаи на новиот коронавирус, односно, регистрирани се 22 случаи во Скопје, шест во Тетово, четири во Куманово и по еден случај во Штип, Струга и Гостивар.
„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2164, бројката на оздравени пациенти е 1535, на починати е 131, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 498. По завршување на епидемиолошките анкети, две лице кои вчера беа евидентирани во Скопје, се соодветно распоредени во Тетово и Куманово според местото на живеење“, се додава во соопштението на МЗ.
Во последните 24 часа направени се 1.120 тестирања на Ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 487 тестирања се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи, а потврден е еден позитивен случај во градинка во Тетово.
„Досега во рамките на скринингот се направени 3.502 тестирања, а потврдени се вкупно 6 позитивни случаи на Ковид-19“, додаваат од МЗ.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти, а таму моментално се хоспитализирани вкупно 40 пациенти. Потешко болни и на кислородна поддршка се 19 пациенти, додаваат од МЗ.
Во болницата „8-ми Септември“ примени се десет нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 38 пациенти. Од нив, на респираторна машина се седум пациенти, a со потешка клиничка слика се уште седум пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 3 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 15, а на домашно лекување се следат 10 пациенти. На ифективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 29 пациенти -позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат од МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 28.804 тестирања на Ковид-19.