#ПетАлбумиЗаПоДома на Андреј Медиќ Лазаревски

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Андреј Медиќ Лазаревски, поет и главен уредник на неформалното младинско здружение за слободно културно изразување „Култура Бета“.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Медиќ Лазаревски, со негов краток уводник и потоа осврти за одбраните музички парчиња:

***

Секогаш ми е многу незгодно кога треба да изберам три/пет/десет омилени нешта, особено кога станува збор за нешта поврзани со уметност, со тоа што го читам, слушам, гледам. И секогаш едноставно не знам што да одговорам, но бидејќи си ја следам рубриката, а и сум се заслушал некои работи што сум ги нашол или на кои што сум се потсетил, решив дека со задоволство ќе се измачам да издвојам пет албуми за по дома и тоа по следниве критериуми:

1.Кој е албумот што можеби најмногу го сакам, отсекогаш?
2.Кој е албумот за кој што сите би ме „изругале“ што го слушам?
3.Кој е албумот од новата млада македонска музичка сцена што ми е во омилените?
4.Кој е албумот што најмногу го слушам поради моите дома бидејќи тие најмногу ми влијаеле на музичкиот вкус?
5.Кој е албумот што не би влегол во ниту една од овие категории?

***

1.Кој е албумот што можеби најмногу го сакам, отсекогаш?
Архангел Архангел 2 (1993)

Колку и Архангел да се помината работа и веќе преслушан бенд и колку и концертите да „не им се, брат, толку добри“, сепак Архангел ќе ми е засекогаш омилен македонски бенд. Најпрво, поради целото значење што го имаат за македонската сцена и култура, воопшто. Потоа поради личното естетско искуство што го доживувам кога ги слушам и трето и конкретно врзано со Архангел „двојката“ текстовите кои ми имаат големо влијание врз почетоците на моето пишување поезија, но и воопшто почетоците на моето интересирање со текст, поетски текст. Тука се Разговор без смисла со стихот Сега знам, Скопје е само начин на кој ќе умреме како една искрена и мнооогу точна констатација која го отсликува градот, постојано. Потоа тука е Милион долари со  Секој обид да ме љубиш ќе ти се врати како казна, како горка измама и со Погледни! Ќе видиш само еден обичен смртник без концепт за револуција, а и песните Човек без име и презиме и Зборови волшебни. Да не тупам, омилен албум. Засекогаш.

2.Кој е албумот за кој што сите би ме „изругале“ што го слушам?
Калиопи Обои ме (1999)

Се срамам што го пишувам ова, но ова ми е албумот за #ПоДома, албумот за на бањање, за кога сум сам со себе и кога ми треба инстантно да се расположам. Но, ова е навистина најинтересниот поп албум од македонската поп сцена која веќе речиси и да не постои, како што кажува другарка ми Калина и тоа го објаснуваше во некоја колумна на „Култура Бета“. Во овој албум има три песни за кои просто не знам како да се изразам – Јас и јас е тантричка, екстатична, племенска песна; Дај да пијам е чиста поезија, а мојата омилена од овој албум Дај ми го перничето, бе! е најхајпната, жива, песна за денсање за која навистина не ми е јасно како не е на редовен репертоар на секоја журка. Обои ме е и албумот за кој лингвистите најмногу се нервираат поради очигледната грешка во самиот наслов, но само можам да им порачам да си го пуштат и да играат!

3.Кој е албумот од новата млада македонска музичка сцена што ми е во омилените?
Занаду Соништа (2022)

Занаду се еден од моите три „омилени“ бендови од новата млада македонска музичка сцена (другите два следна прилика😉). Иако имаат прилично поп призвук и жанровски варирања, сепак на ниво на текст (нешто што ми е многу важно кога слушам музика, затоа инструментали речиси да не сакам) ми се одлични! Од овој албум како омилени песни ги издвојувам Вонземска слика и Зборувај, замижи, побегни, токму поради текстовите.

4.Кој е албумот што најмногу го слушам поради моите дома бидејќи тие најмногу ми влијаеле на музичкиот вкус?
Depeche Mode – Violator (1990)

Моите имаат мноооооооогу големо влијание врз тоа што го слушам и тие ми се првите музички учители. Како луѓе што по дома секогаш слушале добра музика и кај кои целиот стан е облепен со постери и слики од омилените им бендови, можам да кажам дека сериозно ми влијаеле и на музичкиот вкус и на изборот на бендови, но и на поттикот да истражувам музика. Архангел од погоре се еден од тие бендови што можеби, не знам, ми ги пуштале од едноцифрена годишна возраст. Но, во оваа моја категорија за полесно наоѓање 4-ти албум за по дома, победува Violator од Depeche Mode со Sweetest Perfection, Personal Jesus и Enjoy the Silence како омилени. Албумов го сакам бидејќи е средиште меѓу мекост и нежност од една страна, грубост и жестокост од друга и сето тоа придружено со одличен звук и текст. А и има предобар cover!

5.Кој е албумот што не би влегол во ниту една од овие категории?
Rammstein – Mutter (2001)

Имав еден период од животот каде што многу учев германски и бев сериозно посветен на истражување на музика на тој јазик, а тоа да не биде Нена и нејзината Neunundneunzig Luftballons. Тогаш (читај: пред околу десетина години) почнав да ги учам текстовите на песните на Рамштајн и постојано, постојано ги слушав. Оттогаш албумот Mutter со песните Mein Herz brennt, Sonne и Ich will ми се на редовен репертоар кога дома сакам да се дерам, да не речам кога сакам да се осетам „жестоко“ што тоа и да значи.

***

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија Павловска – Бјанка Станковиќ – Ена Утевска – Александар Анѓелковиќ – Атанас Велковски – Јован Близнаковски – Маргарита Арсова – Кирил Колевски – Рамона Кочишка – Теодора Соколовска – Ангела Бошкоска – Хана Корнети – Милена КрстевскаВангел Ноневски

***