Активистката Благица Петрова одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.
Повеќето ја знаат како Баци, но и како долгогодишна активистка за правата на секоја маргина во нашето општество.
Таа е коосновач на Shpajzitup канал на Јутјуб за готвење на карантинска нискобуџетна храна.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Петрова, со нејзин уводник и осврт кон музичките остварувања:
Музиката отсекогаш била многу важен дел од мене и мојот живот. Особено ми е важна периодов кога се случува целово лудило со кризата предизвикана од Ковид-19. Ми помага во соодветно канализирање на моите емоции и ги амортизира различните мои ментални и емотивни состојби. Морам да признаам дека ми беше исклучително тешко да одвојам 5 албуми бидејќи за различни емотивни состојби имам различни топ листи. Овој избор претставува компилација од многуте мои листи, а нумерирањето е по година на издавање. Почнуваме од најпресните изданија:
1.Khruangbin – Con todo el mundo (2018)
Ова е новото мое откритие на кое многу лесно се навлеков и не престанувам одново да ги прелистувам сите досегашни изданија на бендот. Khruangbin за прв пат ги слушнав минатото лето и се заљубив во бендот со нај невозможно име за паметење. Бидејќи не ги зачував веднаш во плеј листа се фатив себеси како со саати ги барам за да преслушам и други нивни изданија. Особено ми е драго ЕП-то кое Khruangbin го издадоа пред некој месец во соработка со Leon Bridges. Феноменален и извонредно егзотичен спој на soul и psych-funk музика, а текстовите на Leon Bridges се фантастична додадена вредност на оваа соработка. Со нетрпение го очекувам и новиот албум за кој е најавено дека ќе искочи крајот на јуни.
2.James Blake – Overgrown (2013)
Особено ме боли кога пишувам за James Blake бидејќи конечно начекав негова турнеја во Европа и почна затварањето на границите како резултат на кризата со Ковид 19. Купив влезница и авионски билет до Прага за кои за среќа некако успеав да си ги вратам парите на крај, но сепак останува неизвесноста за тоа дали и кога ќе можам да го слушам во живо. Сум гледала многу негови настапи во живо и за него имам да кажам единствено дека е неверојатен музички талент со страшен вокален сензибилитет и интерпретативна интелигенција. Искрено морам да признаам дека за мене вокалите играат огромна улога во една музичка целина и за James Blake можам да кажам дека е комплетен изведувач. Конечно, албумов го издвојувам како лична музичка романса која најчесто се провлекувала во разни мои интимни моменти.
3.Antony and the Johnsons – I am a bird now (2005)
Antony Hegarty e основачот на колективот Antony and the Johnsons. Подоцна почнува соло кариера, за пред неколку години конечно да се охрабри и јавно да се декларира себеси како трансродово лице. Неговото ново име, кое тој го нарекува спиритуално име, е Anohni. Не само албумот „I am a bird now“ туку сите изданија на Antony and the Johnsons, сега веќе Anohni, се фатални музички остварувања. Таков емотивен коктел може да приреди само суштество со длабоки сентименти и неверојатен интелект. Едноставно е невозможно да си ги преведете емоциите додека ја слушате, истовремено сте среќни и тажни, едноставно ви се плаче насмеани. Неjзината музика е вонсериска, а нејзините текстови се чиста поезија. Можам да ги осетам сите нејзини рани и да ги преживувам заедно со неа преслушувајќи ја целата дискографија по милионити пат. Нејзината музика раскажува за многу животни искуства со кои може да се поврзе било кој на линијата на ранливоста. Од него препорачувам буквално се’.
4.Tory Amos – Boys for Pele (1996)
„Boys for Pele“ ми е омилен албум од Tory Amos, ама да не ги заборавиме и „Little Earthquakes“ како и „Under the pink“ кои ми се исто така многу драги. Tori Amos во минатото имала неколку обиди за музичка кариера, но нејзината музичка зрелост доаѓа по преживувањето на една голема траума како резултат на сексуално насилство. Во песната „Me and a gun“ од првиот албум детално ја опишува потресната ситуацијата на језиво сликовит начин. Тогаш почнува златното доба на Tory во музичките води и жената вади неверојатна дискографија. Позната е по настапите во живо и атрактивните изведби на две пијана истовремено. Имав прилика да ја слушам во Рим пред неколку години заедно со две мои многу драги и прекрасни личности и морам да признаам дека емоциите едвај некако ги држев во контрола. Еден од најубавите концерти на кои сум била. Ако имате прилика, топло препорачувам нејзин настап во живо.
5.Aretha Franklin – Young, Gifted and Black (1972)
Што и да се каже за кралицата на soul музиката ќе биде премалку. Нејзиниот вокал е моќен и прониклив и особено важно е што целата нејзина музика освен што и’ служи на естетиката туку е и политички ангажирана. Активистка за граѓански права и права на жените таа активно се вклучува во движењето за граѓанските права преку директно финансирање на активистички групи или преку бесплатни настапи за време на протестите. Неколку нејзини нумери како „Respect“ и „(You make me feel like) a natural woman“ прераснуваат во химни на движењето. Длабок наклон и огромна благодарност до афроамериканската заедница која ни овозможни толку прекрасни музички доживувања. За тоа и заради милион други причини #blacklivesmatter. Инаку „Young, Gifted and Black е албумот заслужен за Греми наградата за најдобар женски R&B изведувач на годината, а целото нејзино творештво е доминантен печат во светската музичка архива.
И секако, нема да бидам мирна ако не нафрлам и препорачам уште неколку артисти и музички колективи како: Bjork, FKJ, Bonobo, Melody Gardot, John Coltrane, Tommy Guerrero, Badbadnotgood, Светлост, Laurin Hill, Nina Simone, Alice Coltrane, Kamasi Washington, Miles Davis, The knife, LCD Soundsystem, Franc Ocean, Tycho, Gramatik, Morphine, Telemama, Tindersticks, Bonnie Prince Billy, Leon Bridges, Ryuichi Sakamoto, Alva Noto, John Maus, Royksopp, Telepopmusik, Wim Mertens, Kings of Convenience, Kate Bush, Belle and Sebastian, alt-J, Florence and the Machine, Hercules and Love Affair и многу други.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да дадеме смисла на времето во изолација, но продолжуваме и по карантинот да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова