#ПетАлбумиЗаПоДома на Бојан Станиќ

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Бојан Станиќ, кој вели дека е дипломиран теориски физичар што се занимава со сè освен теориска физика.

Активен дел е од независната културна сцена над 10 години, преку различни иницијативи во неговиот роден град, Битола. Меѓу нив, дел и основач е на независната културна иницијатива „Пондер“, Дебатното кино „Контра кадар“ и бесплатната радикална библиотека „Контра библиотека“.

Покрај тоа последниве 12 години активно свири и по бендови („Yöu“, „Molokai“, „Heart-on-sleeve“, „Red Sails Billow“, „Ема“), а има издадено и една збирка поезија и еден краток стрип.

Професионално работи како графички и motion дизајнер.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Станиќ, или како што вели „петшеесе албуми“, со негов краток уводник и потоа осврт кон одбраните музички парчиња:

***

Задачата да одберам пет албуми сама по себе ми е апсолутно невозможна, така да за да си го олеснам животот и текстов, одлучив да ја поделам листава на пет категории, и да одберам по еден за мене најбитен албум во секоја од нив, со (не толку) суптилно спомнување на уште по некој во текстот (ама шшш не кажвајте на никој).

All-time омилен албум
1.Fugazi – Repeater (1990)

Зачудувачки, ова ми е најлесниот избор, пошто нема нешто шо го дефинирало мојот пристап кон културата и создавањето повеќе од музиката и начинот на функционирање на „Fugazi“. DIY издавање, целосна контрола на бендот врз нивното работење, лимит на цените на нивните концерти од 5$ за музиката да им биде достапна на сите, „Fugazi“ едноставно за мене се ултимативниот GOAT бенд, и ова го кажувам без грам задршка.

Реално сум заљубен во целата нивна дискографија, и со секој нивни албум имам посебен однос, така да наместо Repeater слободно можеше да биде било кој друг албум и ќе бев сосема задоволен, го одбрав него чисто пошто некако се чувствувам како есенцијата на тоа што за мене претставува бендот можда најцеловито е прикажана таму.

Покрај DIY пристапот на „Fugazi“ како бенд, исто толку битен ми е и пристапот на „Dischord Records“ како издавачка куќа, така да покрај некои очигледни бендови кои би можел да ги спомнам од нивниот каталог, како „Minor Threat“, „Rites of Spring“ или „Dag Nasty“, сакам да споделам и еден не-многу-зборуван, а неверојатно одличен Дискорд бенд, „Office of Future Plans“, чиј (за жал единствен) self-titled албум исто така ми е еден од ол-тајм омилените.

Македонски албум
2.Хахаха – Танго револуционер (2011)

Земајќи предвид колку добра музика излегува од Македонија секојдневно, морав да го стеснам некако изборот, па тука се одлучив да се фокусирам на бендовите и албумите кои ме дефинираа кога бев тинејџер, во периодот 2010-2014, а никој македонски албум не ме погодил толку многу колку деби-албумот на „Хахаха“, „Танго револуционер“.

Секоја песна на албумот совршено ја спојува романтичната надеж со остра, ама конструктивна критика, „Ова е твој град“ ми е сè уште химна и основа на сè што правам во и за Битола, а секој текст е луцидна лекција за носење со реалноста во која живееме. Тој, како и останатите два албуми се врежани во мојата ДНК и срце како компас и редовен потсетник да продолжам да делувам искрено и автентично, без компромис кон идеалите, колку и да е тоа некогаш тешко.

Еден момент поврзан со музиката на „Хахаха“ кој никогаш нема да го заборавам се случи на платото на УКИМ во време на Студентски пленум, кога непосредно пред да ги окупираме факултетите, на полно плато со илјадници студенти на звучници одеше „Сакам дома да живеам“, и буквално се сеќавам како ме облеа бран на емоции, ежење и солзи од чувството дека во тој момент, можеме да направиме буквално сè.

Иначе нам, како хардкор-панк деца, љубовта всушност ни почна со музиката на „FxPxOx“, а продолжи со „Бернајс Пропаганда“ и „Хахаха“, како и општо целата енергија која се вртеше околу лејблот со најгенијално име „Направи заедно“.

Секогаш повторувам дека ја имавме неверојатната привилегија уште како деца кои почнуваат да свират по бендови и да стануваат дел од т.н. независна сцена од прва рака да научиме битни лекции за начинот на функционирање, напорната работа и интегритетот на бидување во бенд. Практично ги имавме нашите сопствени „Fugazi“ дома.

Секако, морам да издвојам и уште неколку албуми/бендови од тој период, од кои можда најомилен (и најскроблан на last.fm) ми е „Мојот пекол“ на Фонија, а музички ептен големо влијание ми имаа и албумите на „Fighting Windmills“, во тој период имаа излезено „Најсмешниот виц на светот“ и „Рапсодии во празно“.

Имавме многу среќа со многу од бендовиве да делиме сцена, на првиот концерт ever на molokai свиреја и „Хахаха“, бевме гости на промоциите на „Мојот пекол“ од Фонија и „Забранета планета“ на „Бернајс“ (чија легендарна промоција во Скопје, со сцената преместена на средината на Денсинг во МКЦ за мене е најдобар концерт на македонски бенд што некогаш сум го гледал), а ја имав честа „Фонија“ и „Fighting Windmills“ да ги букирам во Битола по неколку пати.

Ќе повторам, беше ептен голема привилегија да се расте во тој момент од историјата на македонската музика, и кога се потсеќам на сите овие моменти додека го куцам текстов скроз ми иди топличко внатре.

Регионален албум
3.IDEM – poyy (2023)

Албумот со кој сум опседнат последнава година, албум за сите нас кои се бориме со врвењето на минутите, годините и со притисокот максимално да ги искористиме истите, за сите нас кои сѐ уште велиме да кога би требало да кажеме не (пошто као сме постари, па треба да се сменат приоритетите) и што копнееме по некои (наводно) побезгрижни места и времиња.

Музички овај деклариран пост-поп-панк албум егзистира во универзумот на творештвото на Jeff Rosenstock, особено во инструментализацијата и користењето на аркадни lo-fi синт звуци (кои доколку би биле едно 70-80 BPM побрзи комотно би можел да ги помешам со риф на „Bomb the Music Industry“), ама секако најголем адут на музиката на Антун е химничноста на песните, измислени за сингалонг дури плачите гушнати со другар(к)ите дерејќи се на цел глас „Ти си ми увијек супер!!! 😭😭😭”

Албумот завршува емфатично со песната „Никад сама“ која за мене е најдоброто, најнепретенциозно и во суштина најпросто писмо за наредните генерации – „не мораш ништа што те тјерају, јер тко те тјера тај те лаже“.

Иначе, ако не бев моментално нездраво опседнат со „poyy“, на местово најверојатно би се нашле некој од албумите на мојот драг другар Даме, или „Мисли“ на неговиот проект „Rush to Relax“, албум кој совршено ја пренесува носталгијата на времињата за кои пишував во претходниот блок, времиња во кои заедно растевме, или генијалниот „Чука, бије, пумпа“ на „Лелее“, за кои би рекол дека се моментално најверојатно најдобриот бенд од регионот и едвај го чекам нивното ново издание, „Мора мало у црвено“.

Исто тука би ги споменал и „Проклетијата I и II на Немечек“, кои ми задоволуваат еден поинаков музички itch, а и „Од Сутра“ на проектот „WoO“ на Вукашин Џелиќ, кој имавме и прилика да го гледаме во Битола.

***

Е сега, наредниве две категории се некаков жанровски амалгам на музиката која ја сакам и ќе ја наречам „емо“, поделена во две кофи, една која повеќе влечи кон поп, и друга која повеќе влечи кон хардкор.

Апсолутно пола од бендовиве шо ќе ги спомнам не се декларирани емо бендови (што и да значи то), и „емо“ е тука само некаква моја измислена географска одредница за бендови и албуми шо ме годат кај шо треба ко ќе ги слушам, така да жанровските пуританци (ако сè уште постојат во 2024 година) нека ме одминат плс.

Емо/поп албум
4.Mixtapes – Even on the Worst Nights (2012)

„Mixtapes“ е совршениот непретенциозен I-hate-this-town-поп-панк бенд, и покрај тоа што сонично ме враќа во основно кога за прв пат почнав да слушам музика посериозно со „Блинк-182“ и „Грин Деј“, исто така го совршено ми го фаќа и моментот на маалското скитање и дружење по паркови кое ни ја обележа адолесценцијата. Вакви бендови и албуми кои можам да ги слушам секогаш и секаде се многу, истото чувство го имам и за „Superchunk“ со „Majesty Shredding“, „Tiny Moving Parts“ со „Celebrate“, „The Get Up Kids“ со „Something to Write Home About“, „Future Teens“ со „Breakup Season“ и „Deliberately Alive“ EPто, ама од сите нив, апсолутно најпрегорени од слушање ми се „Mixtapes“, особено „Even on the Worst Nights“ и „Ordinary Silence“.

Е сеа, во категоријава имав ептен дилема кој да оди како „победнички“ албум, „Mixtapes“ победија на искуство и стаж во мојата all-timе ротација, ама за многу малце тука ќе влезеше „Portugal. The Man“ – „Evil Friends“.

Реално „Португал“ немат врска со емо, и би рекол дека се чистокрвен поп бенд, и богами најдобриот поп бенд шо сум имал прилика да го слушам во живо. Случајно се најдов на нивни настап на „InMusic“ во Загреб, и не знаев ништо за бендот освен радио-хитот „Feel it Still“, и се фатив маѓепсан од ненормално добрите аранжмани на купот музичари на сцена, проследени со неверојатно допадливите hooks кои, ако малку внимателно ги следиш, можиш уште на лице место да почниш да ги потпевнуваш (уште се јадам што си заминав од последните две песни за да фатам место на „Interpol“, најразочарувачки досадниот настап на бенд што го сакам ever, but I digress)

Потоа почнав да ги слушам посериозно, како и да ги следам нивните ставови што прават надвор од сцената и инстантно ми станаа еден од омилените активни бендови денес. „Modern Jesus“ ми е апсолутна химна на независноста, на слободата, на одговорноста која секој од нас треба да ја преземе.

За крај, како honorable mentions, морам да спомнам дека имав (долги) периоди кадешто бев преопседнат со срцекршачките албуми на Julien Baker и Phoebe Bridgers во секој облик и форма („boygenius“, „Better Oblivion Community Center“, секој рандом сингл/кавер/шоидае од нив), ама онака сериозно опседнат, имаше периоди кај шо то беше сè шо слушав, албуми на рипит, песни на рипит, овај генијален кавер на „Accident Prone“ од „Jawbreaker“ на пијано на рипит… Нема крај.

Тука можам да ја спомнам и „Mitski“, па чекај не ги спомнав „Dino Jr.“ и соло стварите на J Mascis, „Japandroids“… ок ок прекинвам.

Емо/кор албум
5.At the Drive-in – Relationship of Command (2000)

Последнава категорија ми е некако задолжителна, пошто е територијата во која твориме со мојот моментално единствен активен бенд, „Yöu“ (имаме ново EP btw, шејмлес плаг за сите шо стигнаја до тука со читање :SS)

И тука беше жустра конкуренцијата, aма се одлучив за „ATDI“ пошто свирењето на Омар во тој бенд ми има многу, многу влијаено на то како (сакам да) свирам.

Друг добар пример на тоа како ја замислувам мојот придонес во звукот на „Yöu“ е „Ordinary Corrupt Human Love“ на „Deafheaven“, каде низ густите отворени гитарски делници се пробиваат мелодични линии, кои даваат една друга димензија која поќе би ја очекувал во албум на „Dinosaur Jr“. отколку во опусот на блек метал бенд.

Тука морам да ги спомнам и „Converge со Axe to Fall“ како омилен, „Touche Amore“ со „Stage Four“ и „Lament“, „Refused“ со „The Shape of“, а од поновите ствари многу ми се бендисва лудачката френетичност на „The Armed“, како и целата нивна заебантска појава во јавност, „May our Chambers be Full“ на „Thou“ и Emma Ruth Rundle како една од најдобрите соработки меѓу тежок бенд и морничаво добрите етерични вокали на Ема, и секако, „Turnstile со Glow On“ како флегшип хардкор-панк пресвртницата на нашево време (и овај лајв снимен од легендата hate5six кој ми е на ниво на лајв снимкaтa на „Bad Brains“ oд „CBGB“ од пред пола век).

Бонус категорија – Soundtracks на мјузикли
6.Rent – Jonathan Larson

Последниве години сум опседнат со два-три soundtracks на мјузикли, кои ги имам толку многу преслушувано и ми значат толку многу шо не можам да не ги спомнам, па ќе си дозволам бонус категорија, пошто не се работи баш за класични албуми ако? :Ѕ ааај ако…

Една од опсесиите ми е со творештвото на Џонатан Ларсон, композитор и драмски писател од 80-90тите со неверојатна животна приказна на упорност, тврдоглавост и издржливост, која за жал се реализира во сиот свој потенцијал дури после смртта на авторот.

Џонатан работи на неколку концепти за мјузикли додека работи како келнер, но за нивна целосна реализација е константно одбиван од различни причини, ради технички прескапа/преамбициозна продукција, неконвенционални теми, недоволна маркетабилност и слично.

Одбиван, одлучува да напише bare bones полу-автобиографски рок монолог наречен Tick, tick… Boom! со него во главна улога на пијано и мал рок бенд како поддршка, создавајќи продукција која може да биде поставена било каде.

После лимитираниот на тесни кругови успех на Tick, tick… Boom!, Џонатан на почетокот на 90тите започнува со работа на тоа што ќе се испостави дека е неговото најголемо и најбитно дело, мјузиклот „Rent“. Таму се раскажува приказната за група сиромашни млади уметници кои се мачат да платат кирија, се борат со пандемијата на ХИВ, хомофобијата и со секојдневни трагедии, но истовремено го слават животот, љубовта и уметноста. За жал, еден ден пред јавната премиера, Џонатан ненадејно умира и не доживеа да го види успехот на „Rent“. И покрај трагедијата, тимот, со согласност на фамилијата на Џонатан, одлучува да ја одигра претставата, и после долгиот аплауз настанува тишина, прекината од некој од публиката кој извикува „Фала ти, Џонатан Ларсон“.

Единствена утеха во трагичната разврска на животот на Џонатан ми е една изјава на некој од екипата на „Rent“, кој рече дека на финалните проби на Џонатан му беше комплетно јасно што значи и колку вреди „Rent“ и знаеше дека го постигна она што го сакаше. Тоа се докажа после неговата смрт, продукцијата на Rent остана на сцената 12 години, еден од најголговечните мјузикли на штиците на Бродвеј, доби Пулицерова награда за драма и Тони награда за најдобар мјузикл, а Џонатан ќе остане запаметен како човекот кој за прв пат ги спои световите на класичниот мјузикл и поп/рок музиката, истовремено раскажувајќи ги приказните на неговите најблиски, борбата со сидата која ја косела нивната зедница, но и убавите приказни на заедништво и славењето на животот во неговата најискрена форма.

Кога и да слушнам, прочитам „No day but today“ одма имам кнедла во грлото и ми надоаѓаат солзи, најискрено Rent е едно од најмоќните работи кои ги имам гледано, и најтопло ви препорачувам да го изгледате Rent: Filmed Live on Broadway (2008) го има на торенти, и иако е долгичок, скоро 2 и пол саати, вреди за тоа што ќе го добиете после гледањето. (про тип: ко ќе има intermission 10 минути, не го скипнувајте, одморете).

Покрај ова, има и филмска адаптација на полу-автобиографското „Tick, Tick… Boom!“, можда сте ја виделе на „Нетфликс“, со Andrew Garfield, исто со ненормално добар саундтрак кој го обожавам и можда не е лошо прво да се изгледа тоа како вовед, пред да го гледате „Rent“.

Во категоријава би го спомнал уште и „Inside“ од Bo Burnhan како совршен kool-aid за траумите од пандемијата, со генијалната соло-продукција и авторство на Бо, песните се прејаки, пресмешни и прехитови, исто го има на „Нетфликс“ (и на торенти, секако).

***

И така, мислам дека за и околу ова можам да напишам уште еден тон, како што ги куцам последниве пасуси ми надоаѓаат уште албуми и бендови кои ми се/биле битни, ама веќе претерав ептен секако, така да ќе ја завршиме листава со пет-ама-уствари-се-поќе-накај-пеесе-албуми за подома тука.

Фала за Шаше за приликата и за трпението што ме чекаше да го докуцам овој текст, како и за сите вие шо од некоја причина ќе го прочитате до крај, ми значи, стварно.

Се надевам дека ќе си најдите нешто шо ќе ви значи и вам како шо ми значат овие излистани ствари мене.

До нареден пат, поззз <33

***

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија Павловска – Бјанка Станковиќ – Ена Утевска – Александар Анѓелковиќ – Атанас Велковски – Јован Близнаковски – Маргарита Арсова – Кирил Колевски – Рамона Кочишка – Теодора Соколовска – Ангела Бошкоска – Хана Корнети – Милена Крстевска – Вангел Ноневски – Андреј Медиќ ЛазаревскиНенад Георгиевски

***