Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска ја имаме Бојана Низамовска, член на скопскиот бенд JUNE, водителка на Acoustic Extravaganza и обожавателка на фестивали и концерти.
За себе вели дека е порасната со плочите на Simon and Garfinkel, Cat Stevens, Whiney Huston, касетите на R.E.M, Cure и U2, цедињата на Blur, Counting Crows и Texas и океанот бесплатна музика со Cat Power, Arcade Fire, Bon Iver и многу многу инди фолк – поп – рок аристи. Опседната е со откривање и слушање нова музика од секаков тип без никакво ограничување, секојдневието и дозволува да може да го прави тоа постојано, а воедно и да создава своја музика на гитара.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Низамовска, со нејзин краток уводник и потоа осврт на одбраните музички парчиња:
* * *
Многу тешка задача, затоа што после воздух и вода иде музика. Слушање музика по дома е најверојатно едно од најголемите човекови задоволства, има моќ длабоко да не’ допре, заголица, расположи и да не’ лечи, ако треба.
1.Ben Howard – Every Kingdom (2011)
Иако издаден одамна, се’ уште според мене важи како репер за добар поп фолк албум кој само малку ако се занесам и опуштам знае да ме однесе некаде покрај вода, некаде околу логорскиот оган или пак далбоко во некоја шума, секако и секогаш во природа. Овој деби албум на Бен воопшто не е наивен, неговиот начин на свирење гитара, гласот и пишувањето на песнисните го прават албумот да е неодоливо допадлив за слушање во секој период од годината.
Лезли Фајст, после долга пауза годинава во април се врати со нов албум и ме потсети да се навратам на нејзината музика и повторно да ги преслушувам нејзините стари албуми. Кога излезе во 2007 година, беше ремек дело, уште не ми е здосадена таа комбинација на звуци од инди мелахнолија, младешка разиграност и аранжмани на као-диско. Секако не е првата кантавторка која љуби, го живее животот во целост, понекогаш знае и да губи, сепак Фајст со овој албум се издигна над безброј други артисти кои исто како и неа водат музички дневници.
3.Wolf Alice – Blue Weekend (2021)
На прво слушање Wolf Alice звучат како типичен бенд претставник на 2020-ите, ноншалантен инди-поп каде младата блага аспирација е поважна од гламурот. Сепак за некој кој е пораснат во 90-ти (не сум од тие кои се нарекуваат дете од 90-ти, сепак сум 40-годишна жена) звуците на овој албум ме потсеќаат на Elastica и PJ Harvey и претставува продолжение на звукот од тоа време, но на посовремен начин. Ехото во гласовите, бојата на синтовите, ефектите на гитарите се така добро испродуцирани, ништо не отскокнува и се’ си е на место баш како што треба. Еден од подобрите албуми снимен и објавен за време на пандемијата.
4.Joesef – Permanent Damage (2023)
Долго време чекав да излезе албумов, знаев дека ќе биде одличен, некако деби албумите ретко знаат да разочараат ако најавните песни се искрени. Тој пее за болката од скршеното срце, осаменоста, истражувањето на сексуалноста и носталгијата кон својот роден град, притоа со неговиот нежен вокал како да бега од суровата реалност, а сепак се разголува со својата ранливост и искреност, не може да не го сакаш. Joesef e уште еден артист од Глазгов кој се проби помеѓу најдобрите, а таму ги има многу.
5.Каролина Гочева – Јас имам песна (2000)
Еден од ретките албуми кои ги знам наизуст, со 23 години стаж, секој пат се изнендаувам како, а заборавам дека беше на рипит неколку лета во Лагадин во рани 2000-ти. Кој се нема замешано прсти во овој албум: од Франц, Принц, Кристина Ковач, за на крај Дарко Димитров убаво го зачини – ремек дело на македонскиот поп. На бакет листата стои еден проект – Мјузикл, ама и на тоа ќе дојде ред, се’ во свое време, дотогаш Кралицата само нека прави концерти со овие песни.
* * *
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски
* * *