Радио МОФ започнува со нова рубрика #ПетАлбумиЗаПоДома, со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје.
Ќе објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето да ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Прв на листата е Ѕвездан Георгиевски, кој повика на Фејсбук за културна иницијатива. Долгогодишниот новинар, колумнист и претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“ избра свои #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој краток oсврт за секое музичко остварување:
Во овие денови на самоизолација музиката е многу присутна во мојот дом. Најмногу. Слушам сѐ и сешто. И сѐ ми е добро. Претпоставувам дека токму затоа ми е најтешко да одберам пет албуми за по дома. По долго пишување и бришење на списокот се одредив на два критериума за избор. Првиот, се разбира, е мене да ми се допаѓа таа музика, а вториот (во случајов поважен) е тие албуми за мене да имаат некоја додадена, да не кажам сентиментална вредност.
1.Ray Charles, „Message From The People“ (1973)
Не можам да се сетам дали сам ја купив плочата или ми беше подарок. Бев клинец и мислев дека сум голем и дека знам сѐ. Слушав главно акустичарска музика (тогаш ја викавме „протестна“), па не знам зошто и како се најде Реј Чарлс на мојот грамофон. И тоа како прва, моја, лична плоча. Како и да е, оваа плоча ме одведе во светот на џез, соул и фанк музиката. Нешто што ќе остане моја преокупација до денес. Плус ги имаше двете најдобри верзии на две „акустичарски“ песни: „ What Have They Done to My Song“ на Мелани и „Take Me Home, Country Roads“ на Џон Денвер. Додадена вредност на плочата е што преку неа почнав многу повеќе да се интересирам за Мартин Лутер Кинг, односно за човековите права воопшто, што натаму дефинитивно ќе ми го одреди животот.
2.Paul Simon, „Still Crazy After All These Years“ (1975)
Сајмон и Гарфанкел беа задолжителна музичка литература за мојата генерација. Тие беа единствените чиј постер имав залепено во соба (претпоставувам дека ќе имав и од Џон Ленон и Дадо Топиќ, ама немав нивни постери). Конкретниов албум е многу важен во мојот живот. Го однесов кај една пријателка дома, заедно да го слушаме и – да ги преведуваме текстовите. Таа, имено,одлично знаеше англиски. Таа вечер ми стана девојка. Еве, деновиве прославивме 33 години брак. Пол Сајмон и натаму го сметаме за наш духовен кум, а оваа плоча за негов свадбен подарок.
„Тајм“ е можеби првата супер-група во некогашна Југославија. Нивниот прв албум беше вистински драг камен во тогашната богата ју-дискографија. Јас не знам дали тоа беше „прогресивен“ рок или „симфо-рок“ или некоја психоделија, ама песната што го затвора албумот „За кој живот да се родим“ останува и денес една песните што се вечни на мојата плеј-листа. И, ете, кога сега го преслушувам албумот, делува дека е старомоден (во согласност со неговиот албум), ама споменатата песна секогаш ќе ми биде важна, а особено во овие времиња.
4.Joao Gilberto and Stan Getz, „Joao Gilberto & Stan Getz“ (1964)
Ако некоја плоча може да се нарече вонвременска, тогаш тоа е оваа. Се сеќавам дека, кога, пред многу време, за првпат ја слушнава плочата, имав чувство како некој да ме удрил со чекан по глава. Плочата откри цел еден нов свет пред мене, целата вселена на боса нова – свет што уште, со големо задоволство, го откривам. Интересно е дека никогаш не сум бил некој фан на Стен Гец, ама звукот на неговиот саксофон во комбинација со кадифените гласови на Аструд и Жоао Жилберто (плус неговата совршено нежна гитара), заедно со неспоредливо лежерните ноти на Антонио Карлос Жобим создава вистинска магија која никогаш не ми здодеала.
5.Melanie, „Candles In The Rain“ (1970)
Ова е албум што го барав со години. Мелани (подоцна позната како Мелани Сафка, иако одамна има уште едно додадено презиме) беше мој симбол од фестивалот во Вудсток. Ако имате во глава претстава како изгледа една хипи-девојка, тогаш таа девојка е Мелани. Еве, можеби помалку познат податок: Мелани пее на Вудсток. Врне дожд. Аудиториумот пали кибритчиња, свеќи, запалки… сѐ што може да емитува светлина. Мелани (чиј настап беше околу 4 сабајле) сведочи дека тогаш дождот прекинува да паѓа и сонцето почнува да изгрева. Оттогаш до денес на сите концерти во целиот свет, кога се свират „сентиши“, се пали нешто што свети (во новите времиња станува збор за светилки од мобилни телефони). Од ова искуство произлегува и ремек-делото на Мелани „Lay Down (Candles In The Rain)“. На оваа плоча башка се наоѓа и веќе споменатата „Look What They’ve Done To My Song Ma“, но и најдобриот кавер на стандардот на „Ролингстоунс“ „Ruby Tuesday“.
Еве, гледам дека ми недостасуваат куп имиња: „Пинк Флојд“, „Кинкс“, „Паспорт“, „Леб и сол“, Чик Корија, „Битлс“, „Осибиса“, „Холиес“, Чак Бери, Мајлс Дејвис, Џери Ли Луис…. Ама тоа е тоа. Субјективно и добро за по дома.