Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Филип Букршлиев, скопски гитарист, композитор и импровизатор. Букршлиев досега музички е ангажиран во состави како „Такси Консилиум“, „Фајтинг Виндмилс“, „Строг пост“…. Неговото име (и презиме) може да се најде на повеќе од 20 долгосвиречки изданија и колаборациски проекти, а во 2021 година ја доби наградата за најдобар млад македонски џез музичар од „Скопје џез фестивал“.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Букршлиев, со негов уводник, а потоа и осврт кон одбраните музички парчиња:
* * *
Концептот на #5АлбумиЗаПоДома не го доживувам како простор каде што треба да ги набројам омилените 5 албуми. Не, #5АлбумиЗаПоДома треба да е внимателно составена листа од пет наменски селектирани изданија ̶ нектарот од симбиозата помеѓу специфичните звучни преференции на составувачот и уникатните слушачки услови во неговиот дом. Значи, пет парчиња звук на кој што сакаш да танцуваш кога си сам/а дома, а живототворните треперења на музиката најповеќе ги ослободуваат чакрите на гипс-картонот и го разигруваат мебелот. Местоположбата на домот, распоредот на прозорците и носечките столбови, количеството на светлина, староста на паркетот, поставеноста на мебелот и степенот на организираност на расфрлените парчиња облека се тие кои што определија дека изборот на пет албуми ќе биде претежно пијанистички.
1.Duke Ellington and his Orchestra – Ellington Indigos (1957)
Бркатиот Војвода успеал најповеќе да се доближи до создавање на Совршениот Албум. Само уште некој да успеел да го натера да не ја тупне таа одвратна вокална изведба од Autumn Leaves на среде албум. Како и да е, траката лесно се прескокнува и ние го добиваме најдобриот звучен придружник за ситните часови од ноќта. Внимателна селекција на оригинални композиции и стандарди, сите убиствени балади. Ништо не звучи, ниту ќе звучи така добро. Прекрасно се вклопува во затворен простор, дифузно се рефлектира од паркет, претпочита чад од цигари и совршено ја облагородува придушената светлина која доаѓа од столната лампа во аголот, уредно прекриена со марама.
2.E.S.T – Live in Hamburg (2007)
Според мене најквалитетното Esbjörn Svensson Trio издание, снимено во живо во ноември 2006-та, во Хамбург, додека триото е во својот апсолутен зенит. Материјалот е претежно составен од композиции од нивното тогаш актуелното издание ̶ Tuesday Wonderland ̶ и триото како некоја страшна бура прелетува низ композициите, носејќи сѐ пред себе. Одличен е за консумација заедно со првото утринско кафе: седнете на трпезариската маса и звучниците ставете ги под неа.
3.Kris Davis Trio – Waiting For You To Grow (2014)
Албум на канадската пијанистка Крис Дејвис, кој можеби е едно од најдобрите изданија воопшто во пијано трио форматот. Ако ништо друго, барем ги исполнува сите услови за да биде Современ класик. Снимен додека била прилично многу бремена со своето прво дете, Waiting For You To Grow е еден екстатичен запис на неверојатно пијанистичко лудило, несебичен извор за интересна мелодиска логика и архитектура, masterclass за иновативен и свеж пристап кон импровизацијата. Најубаво се консумира ако имате француски балкон, со неколку висечки саксии за цвеќе кои се поставени нанадвор. Звучниот извор поставете го не подалеку од 3 метри во однос на прозорот. Уживајте.
4.Paul Bley – Open, to Love (1973)
Многумина, барем кога станува збор за врвниот дострел во соло пијано форматот, веднаш воскликнуваат: The Köln Concert, крстејќи се во исклучително преценетиот албум на Keith Jarrett од 1975-та. Не, не и не. Можеби е истата издавачка куќа, ECM Records, ама ултимативниот соло пијано албум е од 1973-та: Open, to Love на најголемиот фраер на 88-те клавиши, Paul Bley. Се консумира исклучиво во лежечка положба, кревет или кауч, никако на подот, задолжително покриени со дебело ќебе како топлотна и звучна изолација од студените, мрачни акорди и траурната, немилосрдно абразивна тишина помеѓу нив.
5.Andrew Hill – Judgment (1964)
Едно од многубројните опасни изданија на Andrew Hill, the pianist of choice кај вистинските сладокусци. Оваа сесија најповеќе одговара за оваа листа токму поради нетипичната инструментална формација, каде што во преден план се ставени пијаното и вибрафонот. Доволно е само да го погледнете легендарниот омот, за веднаш да ви стане јасно колку заебано издание е. Најубаво функционира навечер, светлата се изгасени, а вие со палецот полека ја поттргнувате ја ролетната за да видите што прават комшиите отспротива.
* * *
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска
* * *