Ирина Јаневска, претседателката на Здружнието АРНО, одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.
Јаневска е ентузијаст од третиот сектор кој неуморно работи на теми од областа на социјални иновации и социјално претприемништво. Препознаена е по проектите „Кул е да си кулинар“ (coolinari.mk) со кој промовира стручно образование преку продажба на часови за готвење со цел инвестирање во младите готвачи. Исто така, натпреварoт за зелени идеи со кој на регионални ниво земјата се натпреварува и освојува награди за зелени стартапи и социјални претпријатија и пар други иницијативи кои ги води со тимот од АРНО.
Од помалку познатите факти за јавноста е дека Ирина одблиску ги има запознаено Get the Blessing, Trio Corrente, Fire! Orchestra, Omar Sosa, дел од екипата на Pat Metheny и уште пар гости од музичкиот свет, благодарение на нејзиниот неколкугодишен ангажман за време на Скопскиот џез фестивал како домаќин (host).
1.John Coltrane – My Favorite Things (1961)
Ако нешто ме држеше низ карантинот, особено првите недели, тоа се звуците на овој албум. Првата нумера, по која и целиот албум е насловен, за мене е толку потентна и моќна, што, заедно со Take Five на Dave Brubeck и Bolero на Ravel, би ја ставила во пример за безвременска мелодија која има така глатка нарација, нарација која е одлична подлога за се што би сакал некој да раскаже, во луп, до бесконечност. Има се во неа, има живот, потенција. Од каде конекцијата со албумот? Ако кажам дека првите песни кои ги памтам не се Чудна жена беше Вера, Тинке Катинке, вокалот на Вања Лазарова, ќе лажам. Ги памтам „Цветниците“ на баба ми и целосно сум ок со нашето културно наследство и звуците од најраното детство, ама исто така ги памтам и звуците од АМ радио, и движењата на нозете на дедо ми додека слуша џез од радио. А дедото пак навистина цар. Додека студирал во Љубљана последните пари ги дал за концерт на Луис Армстронг. И, изгледа психолозиве оправдано толку линкуваат детство со личност, ете, тие први сеќавања на песни без текст и радио што нон-стоп шушти и се слушаат вести (Гласoт на Америка, Би-Би-Си) подоцна направија да дипломирам комуникологија, да сакам вести од светот, и да, да сакам џез. Не секаков, ама нема да одам подлабоко за него, толку е широк, како за слушање, така и за читање (културолошки феномен, интересен за анализа на масовна, елитна култура и итн), ама, за час по музичко задолжително да се провери кој е Колтрејн.
2.The Whitest Boy Alive – Rules (2009)
Синглиот „Serious“ кој во некој момент од Ковид-19 го сподели на својот Фб профил другар ми Индог ме потсети на Whitest Boy Alive, и ме пренесе на овој нивни минат албум (Rules, кој албум пак ме потсети на едни безгрижни времиња. Интересно, после години, и во карантин, текстовите добија нови значења и прв пат гледав во тоа колку всушност искуствата не’ менуваат. И колку може, токму преку музиката, да гледаме во тие промени и доживувања. Дури и визуелизацијата на албумот (со страв и параноја од целата ситуација) си ја протолкував во симболиката на тековните случувања (правила, права, строј, ама спакувани во романтичарски издишки на модерниот бел човек). Вокалот на Erlend Øye е мек, „Џемирокваевски“, суптилен, и заедно со сајзерот/клавирот, минималот и љубовните текстови, и сето тоа спакувано, нема да ве остави рамнодушни. Тие што делиме сличен сензибилитет, дајте му шанса на албумот.
3.Metronomy – The English Riviera (2011)
Трет по ред албум на електронски бенд кој беше доста присутен во македонскиот урбан етер. Албум кој некако покажува дека и во наврати некако ни ми здосадува, и кој ми е тешко и да го дисекцирам за да кажам на што точно се должи тоа. Ексцентричен поп, совршен за во автомобил во лето, одлична музичка придружба за одење на некоја подалечна дестинација на одмор. Сега кога се навраќам, веројатно се присеќавам дека така и ми е донесен, од другар ми Каспер, на најгласно, со песни на repeat, во жолт автомобил кој пркоси на жежок асфалт и весело влага во кривини. Доколку имате желба, препорачувам да се погледнат и спотовите за песните, кои мене ми се симпатични затоа што се непретенциозни, оригинални решенија на овие електро-фанк мелодии.
4.Nina Simone & Lauryn Hill – The Miseducation of Eunice Waymon (2018)
На музичкото колажирање отсекогаш сум гледала повеќе како на вештина, отколку како на ново дело. Ова своевидно потценување од моја страна, можеби се должи и на некаква подметната згрозеност од некакво неорганско припојување, експериментирање, или не знам на што, но токму периодов забележав дека на нашата локална сцена има луѓе кои мошне солидно и искрено (во целово Ковид лудило) се занимааваат со mashups (браво). И така, неодамна се присетив на овие две дами: едната жива легенда,-хип хоп кралица, другата-џез и соул икона, и на оваа едиција во која ги слушаме двете заедно. Ова е музички проект кој ги спојува не само нивните песни и вокали, туку и животни нарации и активистички пораки. Ова не е само музика за слушање. Овде има да се слушнат болки, животи, пораки и повици за борба против неправди. Целиот колаж е така составен да нивната конверзација личи толку вистинска, толку природна, интимна, а истовремено толку моќна во повикот на акција, делување, освестување- индивидуално, но и масовно. Во духот на активизмот, сакам да охрабрам да се следат повеќе нашите локални музичари, настаните кои ни ги носи дома градот (Скопје), и ако може една ковид-тајмс желба: повеќе соработки, имагинарни и реални, експерименти, споделувања, и помеѓу живи и неживи, нови и стари генерации, градски и урбани…
5.Underworld – Drift Series (2019)
Ако другиов музички избор ми беше од не-толку-тазе изданија, ова е релативно понов експеримент и музичко издание на бенд на кој не му треба никаква дополнителна увертира. Во изборот на топ 5 албуми кои ги слушам периодов ова издание се најде, искрено ќе признаам, поради спотовите (Tree and Two Chairs) кои некако сами ми се појавија пред очи во налет на анксиозност, во полициски час, со поглед на празни улици, небо (STAR). И уште, чесно да си признаам, дека експериментов ми беше поодамна сервиран а-ла-карт, благодарение на лицето Далибор Таневски кој многу одговорно, секој четврток во својата радио емисија Ultra Music служи порција најсвеж, модерен, рачно-избран звук од имиња од светска и домашна сцена. Ете, една важна референца за сите што се вистински гладни за избрана музика.
Да се вратам на музичкиот избор, изборот на овој албум/мултимедијален проект се должи на еклектичноста, на елегантното пијано, прекршена електроника, евентуален танц, многуте парчиња кои можете да почнете да ги слушате по небитен редослед, психоделично техно, меланхолични вокали, текстот/епиграмите, химнести повици да се погледне во некакви нови интимни пејсажи, односи, исечоци. И најинтересно, овој музички избор ме избра мене, не јас него, иако комшиите некако најмалку ме поздравуваат после негово гласно слушање (развлечено секако низ долгите карантински денови).
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска