Новинарката Ивана Настеска одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој уводник и осврт кон музичките остварувања:
Мислев дека многу полесно ќе ја составам листава на пет албуми за по дома, но кога седнав да пишувам сфатив дека сум фатена во стапица. Многу работи ми поминаа низ глава, и покрај неколку пиши-бриши, едвај дојдов до „конечна“ петорка. Можеби листава ќе изгледа како турлитава, но се потрудив да извадам од се’ по нешто што во изминативе години ми е врежано како незаборавно музичко искуство. Често ми се случувало да се опседнам со некој албум и за месец-два да се створи магична прилика да бидеш на концертна промоција или да се случи некакво неочекувано враќање на турнеја од некој бенд што останал сè уште нештиклиран на листа. Секако дека нема споредба од слушање музика дома и во живо, но кога сега „карантински“ ги преслушувам ме враќааат онаму каде што честопати знаев да си го подготвам ранчето и да отпатувам сама – на концерт, фестивал. Останува и она чувство на празнина за тие кои никогаш нема да имаш прилика ниту да ги слушнеш во живо. Сеќавајќи се на концертите, се потсетив и од каде почна се’.
1.Deep Purple – Bananas (2003)
Во прва година средно бевме една екипа во класот особено посветена да изучува што се сме „пропуштиле“ од музика, концерти и музички легенди, бидејќи бевме млади. „Deep Purple“ ни беше еден од таргет-бендовите во тоа време, па се натпреварувавме кој повеќе знае или успеал да прочита за нив во некои од музичките списанија на српско-хрватски. За жал, ниту тогаш, ниту сега кај нас нема домашно специјализирано музичко списание кое посериозно или воопшто ќе се занимава со промоција и критика на музика. Во тие зимски денови во декември 2003 година се случи и концертното крштевање. На иницијатива на еден од најголемите винил-колекционери во земјава, мој сограѓанин од Кичево, Тане Стефаноски, беше одлучено дека подмладоците ќе се носат на вистински концерт. Сите со синовите, татко ми со ќерка му (јас), се натоваривме во комбе и за добри двоцифрени часови стигнавме во Белград пред саемската „Хала Један“. „Deep Purple“ имаа задача да го промовираат „Bananas“, албум кој многу повеќе го слушав после концертот, отколку претходно. Иако, ова не е најдобриот нивни албум, за мене има посебно значење. Дополнително, од тој концерт се вратив со „перце“, а по повеќе од 20 години подоцна имав прилика да го интервјуирам Иан Гилан.
Колку што ми беше привлечно да ја разоткривам во музиката уште како тинејџер, толку попривлечно ми беше да ѝ отидам на концерт. Некако немаше многу прилики за да ја гледаме во живо, но Бјорк е посебно доживување и за дома и за концерт. Така во 2015 година, го спакував ранчето и ја направив „наједноставната“ тура за да стигнам на нејзиниот концерт на фестивалот „Похода“ во Тренчин, Словачка. До Минхен со авион, па автостоп до Тренчин (ова е за друга рубрика). Таа година Бјорк беше актуелна со „Vulnicura“ и колку што студиски албумот звучи бјорковски таков беше и нејзиниот настап. Раскошна, а во исто време и мистериозна, надополнета со оркестар кој ги доловуваше сите звучни емоции. Овде не може да се издвојат нумери, треба да се доживее целината.
3.Radiohead – A moon shaped pool (2016)
Ќе беше срамота да не одберев кој и да е албум од „Radiohead“, но се одлучив за последниот бидејќи двапати им бев на концерт токму откако го издадоа овој албум. Еднаш во Берлин и еднаш во Милано. Иако, долги се дебатите кој е албумот на нивната кариера, сметам дека последниот е многу зрел и претставува еден вид на цреша на се’ она што го измузицирале претходните дваесетина години. „A moon shaped pool“ го доживеав како албум кој е тука и сега. Бидејќи претходно од повеќе причини немав можност да си дозволам да им отидам на концерт, па некако посебно го третирам. Сакам посебно да ги издвојам „Identikit“, „Dark Decks“, „Ful Stop“ и особено „Present tense“. Има многу длабочини во овие песни, човек може и да се „удави“.
Ова се тие песни кои никогаш нема да ги слушнеме во живо, бидејќи рускиот бенд „Кино“ не постои уште од 1990 година кога нивниот фронтмен Виктор Цој загинува во сообраќајна несреќа. „Кино“ остануваат до ден-денеска запаметени како култен бенд од времето на Советскиот сојуз и важат за еден вид културни бунтовници поради нивното творештво. На нивната музика налетав сосема случајно пребарувајќи странски бендови од времето кога твореле и Екатерина Велика. Има нешто слично во нивната музика типично за тој период. Албумот „Группа крови“ е издаден во 1988, а дел од песните ги има и како саундтрак во неколку руски филмови. Ќе ја издвојам „ Закрой за мной дверь, я ухожу“ како најекспонирана од овој нивни албум и песна која ќе ве убеди да преслушате се’ друго од нив.
5.Devendra Banhart – Mala (2013)
Се одлучив да одберам нешто од Девендра, бидејќи неговиот концерт ми е и последен пред да започне пандемијата со Kовид-19. На 24 јануари во Берлин го промовираше својот последен албум „Ма“, но за мене посебно место има албумот „Мала“ од 2013 година. „Мала“ е интересна љубовна приказна која и не е толку љубовна со оглед на сите „инциденти“ во песните на Банхарт. Би ги издвоила „Für Hildegard von Bingen“, „Never seen such good things“ и „Your fine petting duck“. Нема ништо логично во неговите песни и музика, но се заедно има многу убав смисла и ритам. Девендра, со сите негови недозреани скандали од приватниот живот, на концертите има неверојатно пријателски однос со публика. Ова е музичар за кој треба да се потрудиме да го гледаме и во Скопје, до тогаш слушајте го дома.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да дадеме смисла на времето во изолација, но продолжуваме и по карантинот да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски