Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Јован Близнаковски.
Тој е политиколог кој работи на научни истражувања, а кога не се бави со тоа селектира музика и создава звучни пејсажи (досега користени во хибридни уметнички проекти) под псевдонимот Ишџан Твин. Пушта нешто што самиот го нарекува „outernational psychedelia“: музика која припаѓа на вон-националниот простор и глобалната периферија и која истовремено ги движи и телото и душата.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Близнаковски, со негов уводник и осврт кон одбраните музички парчиња:
***
Следат изданија кои јас ги проценувам како добри баш за по дома. Ова секако не се моите омилени албуми на сите времиња, туку се изданија кои јас деновиве би им ги пуштил на моите гости со цел да ја збогатам домашната атмосфера. Се обидов да бидам жанровски поразновиден, а бидејќи сум „аздис“ до секое издание има алтернатива. Значи: пет албуми за по дома и плус пет алтернативи во иста музичка насока. Уживајте!
1.Shabaka and the Ancestors – Wisdom of Elders (Brownswood Recordings, 2016)
Wisdom of Elders е првото од досегашните две долгосвиречки изданија произлезени од соработката на британскиот саксофонист Shabaka Hutchings (Sons of Kemet, The Comet Is Coming) и јужноафриканскиот спиритуален џез состав The Ancestors. По сензибилитет, ова е современо спиритуално џез издание кое инкорпорира мотиви од традиционално музичко наследство, експериментален пристап кон композициите и политичка порака. Атмосферата е час мирна и мазна, час тешка и остра, водејќи го слушателот низ повеќе расположенија долж слушањето на албумот. Слушаме два саксофона, труба, пијано, перкусии, тапани и контрабас надополнети со повремен вокал кој понекогаш функционира како дополнителен инструмент, а друг пат како класичен глас со јасна лирика. Добар албум за лична интроспекција и одлична позадина за почеток на вечерта во случај да имате гости кои не се плашат од џез.
Алтернатива: Quin Kirchner – The Other Side Of Time (Astral Spirits, Monofonus Press, Spacetone, 2018). Уште еден современ албум на спиритуален и експериментален џез со впечатливи перкусионистички акробации.
2.Creation Rebel – Hostile Environment (On-U Sound Records, 2023)
Оваа година ја имавме среќата да по четири децении добиеме албум од едни од пионерите на даб и реге музиката од оваа страна на Атлантикот, Creation Rebel, кои во покус состав од минатото (како трио) и одново под продукцијата на единствениот Адријан Шервуд го испорачаа веројатно албумот на годината во овој жанр. Музички, албумот го следи сензибилитетот на рутс даб и реге музиката, но продукцијата е толку стегната и звучно богата да ви е апсолутно јасно колку многу време е поминато. Називот Hostile Environment („Непријателска средина“) реферира на казнената емиграциска политика воведена од поранешната британска премиерка Тереза Меј: „Целта е овде во Британија да се создаде навистина непријателска средина за илегална миграција“ (изјава на Меј од 2012). На албумот, меѓу другите гости, се појавува и гласот на легандарниот Prince Far-I (постхумно).
Алтернатива: African Head Charge – A Trip To Bolgatanga (On-U Sound Records, 2023). Албум на спиритуален даб и афрички-инфузирани звуци кој исто така не треба да се пропушти доколку сте љубители на даб, реге и музиката на светот.
3.Baba Zula – Hayvan Gibi (Night Dreamer, 2020)
Со следниот избор сакам да го свртам вниманието кон вибрантната современа истанбулска психоделична сцена која е карактеристична по фузијата на традиционалниот музички израз со современите жанрови. Baba Zula се важен актер во оваа приказна од средината на 1990-тите со вкупно 11 изданија и безброј концерти насекаде низ светот. Hayvan Gibi („Како животно“) е нивното последно долгосвиречко издание, снимено во еден тејк во рамки на direct-to-disc сесиите на Night Dreamer. На ова издание, Baba Zula ги свират своите веќеиздадени песни во нова и жива инструментална верзија. Бендот користи електричен саз, тарабука, уд и различни перкусии (меѓу кои и дрвени лажици) за да создаде свој сопствен звук кој ве тера да цупкате со нозе, тропате по маси и танцувате. Третата ствар во изданието (Kelebekler Kuslar / Butterflies and Birds) редовно ја пуштам во моите сетови и без исклучок се појавува некој да ме праша што е тоа што свири. Опасно добра музика ако сакате да се поткренете или да ја кренете атмосферата кога ќе ви се „расположат“ гостите.
Алтернатива: Islandman feat Okay Temiz and Muhlis Berberoğlu – Direct-to-Disc Sessions (Night Dreamer, 2023). Islandman се друг важен претставник на истата сцена кој е ориентиран кон танцовата електронската музика. На ова издание, слушаме една поспонтана форма на бендот од тоа што сме навикнале на нивните студиски изданија, атмосфера во која одлично се вклопуваат и познатиот перкусионистички иноватор Окај Темиз и саз свирачот Мухлис Бербероглу.
4.Multi Culti – Solstice III (Multi Culti, 2023)
Следното издание не е албум во класична смисла на зборот, туку компилација неодамно издадена од една од моите омилени издавачки куќи – Multi Culti. Сепак, имам добра причина да го вклучам ова издание. Компилацијата е фантастично курирана, вози од една ствар кон друга и имате впечаток дека слушате колектив (нешто што е карактеристика на работата на Multi Culti), а не посебни артисти. Solstice III е издаден како придружник за летниот солстициј (долгодневица) за годината 2023 и е еднакво танцово и интроспекциски ориентиран, како за приликата. Стилски, можете да чуете електроника која варира од тек хаус и техно до даунтемпо, со задолжително вклучување на звуци од светот и семплови со племенски вајб. Добра музика за енергично висење по дома и афтер журки.
Алтернатива: Nicola Cruz – Prender el Alma (ZZK Records, 2015). Електронска музика со семплови кои ве носат на Андите во Јужна Америка (т.н. „андес степ“).
5.Entheogenic – Gaia Sophia (Universal Symbiosis Records, 2011)
Ова е албум кој не можам да престанам да го слушам и многу му благодарам на другар ми Коки што во една прилика ми го покажа. Стилски, повеќе припаѓа во современата електронска психоделична музика од другите албуми на оваа листа: ќе чуете псајбиент, псајчил, псајтранс и даунтемпо. Звукот е апсолутно магичен и ве води низ старите прашуми и земјени слоеви. Погодно за слушање во ситните часови и при медитативни екскурзии.
Алтернатива: Younger Brother – The Last Days of Gravity (Twisted Records, 2007): ако не ви е доста од патувањето со Entheogenic можете да продолжите со ова издание кое како бонус на современата електронска психоделија ќе ви понуди и пинкфлојдовски гитари. Фантастичен спој на старата и новата психоделична музика.
***
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија Павловска – Бјанка Станковиќ – Ена Утевска – Александар Анѓелковиќ – Атанас Велковски
***