Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска ја имаме Марина Савеска, хедонист за музика и храна.
Ова се нејзините Топ 5 албуми, за слушање по дома или било каде, исто така со нејзин осврт на музичките парчиња:
* * *
Кога ќе ме прашаш која ми е омилена пијачка можам да одговорам во еден здив пиво, но, тешко можам да се решам за омилена песна, албум или најдобра храна ( тука преовладува хедонизмот и разумот не може да донесе конечна одлука кое или што ми е подобро :)
На прашањето топ 5 албуми за слушање по дома или било каде, без размислување на прво место го номинирам албумот:
1.Azra – Filigranski pločnici (моја прва љубав :)) (1972)
Албумот е издаден уште пред јас да се родам на 7ми јуни 1982 година како трет двоен албум на тогаш најпознатата ЈУ група Азра, издание на ЈУГОТОН. На свои 13 години првпат слушам за оваа група случајно седејќи во поголемо друштво на река Бабуна и од тој ден ја имам својата прва вистинска симпатија, Бранимир Џони Штулич. Сериозно се заљубувам до тој степен што станувам зависна од сета нивна музика и непрестајно ја слушам. Филигрански плочници е моја прва љубав кaкошто напоменав предходно, албум кој и до ден денеска знам да го слушам, во било кое време, во период на најголема среќа кога вриштам и играм по дома или во минути на најголема тага кога лежам и плачам на секој стих испеан од Џони.
2.The Congos – Heart of the Congos (1977)
Уникатен култен класик или Кралот на рутс реге албумите во продукција на Ли Скреч Пери издаден во 1977 година во добро познатото Блек Арк студио. Според многумина со чие мислење се сложувам и јас, ова е можеби најдобриот албум роден во срцето на Јамајка. Толку добро влажен звук кој ви ги топи ушите и ве лулка во арката на емотивното чистилиште. Топло препорачувам за на точак, на ливада, планина, шатор, река, друштво или сам. Сепак најдобро се слуша со боси нозе. ;)
3.Nick Drake – Pink Moon (1972)
Е овој албум го делам само со мојата маленкост во длабока и тивка интима. Албум издаден од Island Records на 25 февруари 1972 година, само две години пред неговата прерана смрт. Уште на првата средба, Ник Дрејк успеа да допре до моето срце и ми овозможи да се чувствувам комфорно во сопствената меланхолија. Се слуша со затворени очи, ако тече солза дозволи и го патот, следи го најмеланхоличниот звук евер и потони во себството и неговата тишина (…има таму што да се чуе…)
4.Mdou Moctar – Afrique Victime (2021)
Mdou Moctar е препознатлив како еден од најиновативните уметници во современата сахарска музика. За мене ново откритие од пред неколку години, но веднаш заголицка увце. Сакам гитари, а во албумов доста добро ги размрдале жиците и направиле совршен спој т. ест експлозија од рок и сахарски звук . Комплетна екстаза во пустинка оаза.
5.Morphine – Cure for pain (1993)
И овој албум би го издвоила како еден од позастапените на мојата плејлиста во минатото. Баш како што гласи насловот го користев како лек за болка. На пример те боли глава пушташ Морфин, легнуваш и се препушташ на саксофонот да ти ги измести мислите, да ги нареди ко слагалица и да ја добиеш комплетната слика на она што во моментот ти е најпотребно. Се сеќавам на доста ноќи кога Марк Сендман ми правел друштво за заспивање, со по некоја шоља чај засладена со воздишка.
На ваше барање и без мое многу размислување листата од 5 најслушани албуми :)
И да не заборавиме од добра музика и добра храна наситка нема :)
* * *
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова
* * *