Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома го имаме Мартин Анастасовски, кој авторира, преведува и само-издава литературни содржини и разговори. Учесник е во еколошки иницијативи и активен член на организацијата Културно Ехо. Ова се неговите #ПетАлбумиЗаПоДома, со негов осврт кон музичките парчиња:
* * *
Не по редослед на омиленост:
1.Underworld – Dubnobasswithmyheadman (1994)
Мојот омилен албум со електронска, односно техно, односно амбиентална сврзана материја, поставена на шини што ја носат во поп правец. За мене ова е најзрела дефиниција на електронски-поп звук што е доволно возбудлив и доволно опуштен за да можеш да го слушаш во било која пригода. Башка, иако дел текстовите на прва топка звучат „празни“, во други ќе најдете доста лирика. Кој сака да мантра во стилот на Карл Хајд може слободно може да пее.
2.Aнастасија – Nocturnal (1996)
Затоа што црпи од македонскиот дарквејв звук на „Кисмет“ и „Мизар“, етно-мајсторијата на „Пред дождот“, електрониката на ГоТра и секако атмосферите на византиската мистика. Албумот сноси моќ да ме стави под купола на футуристички храм каде спроведува речи-врачевно напојување преку текстот. Од аспект на замисла, иновација и извршување, „Ноктурнал“ е едно од најкомплетните музички дела кај нас.
3.Pink Floyd – Division Bell (1994)
Практично, со албумов се научив како вистински се слуша музика. Годината беше 2002, а јас си играв со контактни леќи кои ми ги иритираа очите до степен на инфекција и неможност да поднесам ниту најмала светлина. Бев прикован во една соба со еден систем и неколку дискови. Отсуството на сетилото за вид ми ги имаше начулено ушите за поинаков распон на фрекфенции. Меланхолијата, стравот и болката ме имаа постелено како тепихче на патосот. Во тие мигови „Division Bell“ ми покажа и стерео, и емоции во гласот, и длабочина во лириката, и фантастични солажи, дизајн на звук… се што прави едно музичко дело да е целовито.
4.Younger Brother – The Last Days of Gravity (2007)
Верувам во тоа дека е здраво за секој човек да си го растегне паметот како гумено ластиче, до кај што може, за во средината да остане празен простор. Овој албум за мене го пополнува тој празен простор, каде што звуците може слободно да роварат и да ја раскажуваат генијалната приказна на авторите. Главниот маѓепсник во составов, Сајмон Посфорд, е познат од „Shpongle“, но токму овој албум е исполнет со поинакви емоции, летови и нурнувања и тоа на база на звуци и мелодии, со многу малку зборови. Обично ги слушам првите три траки и се чувствувам исполнет од музика.
5.Архангел – Небесна Машина (2003)
Му доделувам место на овој албум не затоа што го имам слушано повеќе од другите на „Архангел“, туку затоа што го фатив од почеток. Кога бев во најзелените тинејџерски години излезе „Heart Core“ а кај мене во маало се слушаше исклучиво една песна, така што во тој албум навлегов и го реоткрив неколку години подоцна. Истото беше и со првите два албуми. Од друга страна, „Небесна Машина“ го чекав со огромно нетрпение и на прво слушање видов дека има доста материја за толкување преку памет и слух. Ми се допаѓа албумов и редовно му се навраќам затоа што е различен од претходните, односно има иновација во музичкиот приод, а сепак темите што ги исполнува Вртев се доволно загадочни за сето тоа да биде и да звучи како „Архангел“. И помеѓу песните оние мелодии што звучат епски си го имаат своето место. Се’ на се’, комплетно дело.
* * *
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА
* * *