#ПетАлбумиЗаПоДома на Ненад Георгиевски

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме новинарот Ненад Георгиевски.

Ова е изборот на Георгиевски, како што вели и самиот – пет слушачки албуми за по дома, дополнително со негови осврти и лични доживувања за одбраните музички парчиња:

***

1.U2 – Achtung Baby (1991)

‘90те беа интересен период да се расте и созрева. Беа хаотични и болни впрочем како и промените што се случуваа во тоа време, но во исто време бевме заплиснати со огромен избор на нови музики, нови информации, нови можности и нови медиуми, што значеше нови и неистражени можности и нова креативност. Бевме гладни за нови работии за хоризонтите кои се отвораа. Во тоа време, новите музички правци и одлични изданија никнуваа како печурки после дожд.

Во таков контекст,  наеднаш, ќе се појавеше албум кој засекогаш ќе го променеше начинот на кој ја слушавте музиката, ќе го проширеше нејзиниот концепт и ќе ги истражеше нејзините бескрајни потенцијали. Таквиот албум ја имаше таа моќ да го вознемири и разниша просторно-временскиот континуум на музичката историја, поставувајќи патоказ кон сè што ќе следува во таа декада. Еден таков албум за мене беше Achtung Baby на U2, кој веднаш по објавувањето ги наговести оние музички експериментирања и неизвесност и нови хоризонти кои следеа во ‘90те. Тоа значеше отфрлање на се’ што се беше случило претходно и прифаќање на новото. Од оваа гледна точка, тој ја има тоа беше тоа што Sgt. Pepper бил во ‘60те – албум полн со одлични песни кои не само што го доловуваа моментот туку наговестуваа и што ќе се случува понатаму, како музиката ќе се развива. Овие 12 песни доловуваа се што се случуваше во тој период – од алтернативен рок (Zoo Station), noise (Acrobat) и индастриал (The Fly), до фанк (Mysterious Ways) поп, рок (UTOW), денс, амбиент (Love is Blindness), трип –хоп (So Cruel) и хип хоп.

Пред неколку години имав можност да го интервјуирам еден од продуцентите на овој албум, славниот Даниел Лануа кого го прашав за неговото мислење за ова издание и тој рече дека успехот на тој албум се должеше на многу работи – од креативниот тим (тој, Ино и Флад) па до желбата на бендот да создаде музика која се стреми кон иднината. Ова не е музика за секого и бара трпение, како што секоја голема плоча бара да и се посветите. Не секое дело лесно ги открива своите тајни. Ова е албум кому му се навраќам од време на време со годините и се’ уште ми ги открива своите тајни, една по една.

2.Charlie Haden & Pat Metheny – Beyond the Missouri Sky (1997)

Отсекогаш сум сакал гитарски звук и Пет Метини е еден од моите омилени гитаристи. Досега се случило двапати да го интервјуирам меѓутоа со него немав можност да зборам за ова издание. Но, од друга страна зборував со Чарли Хејдн кога допатува со Liberation Orchestra во Белград каде имаше концерт. Меѓу останатите теми ја отворивме и темата за овој албум за кој рече дека покрај пријателството со Метини, меѓу останатото е посветено и на државата Мизури во која се родени и која изнедрила толку многу одлични џез музичари – Чарли Паркер, Бен Вебстер, Колеман Хокинс.

Албумов го открив за време на едно патување во воз кон Будимпешта. Тоа е совршено и за патувања и за преслушување по дома… Изборот на музика е полн со оригинални теми на Хејдн „Waltz for Ruth“, „Our Spanish Love Song“ или Метини „Message to a Friend“ и „Tears of Rain“, па до обработки на теми од Енио Мориконе „Cinema Paradiso“ или Џими Веб „The Moon is a Harsh Mistress”.

Но, оваа музика не е класичен џез туку зема аспекти од џезот како што се импровизација и смелост и всушност се состои од музика која има пасторален карактер. Слушајќи ги песните ќе увидите дека присуствувате на разговор помеѓу двајца долгогодишни пријатели и врвни музичари кои место зборови ги користат своите инструменти кои кажуваат се’.

Нивниот дует ми е класичен пример за тоа што е тоа што ги одвојува одличните и големи музичари од просечните. Секоја од овие теми ја прикажува нивната способност да раскажат емотивно силни приказни дали со нивниот тон, фразирање, мелодиски идеи, и пред се’, да комуницираат нешто подлабоко преку својата музика. Додека технички одличните музичари може да изведат нешто беспрекорно обично на нивната изведба и недостасува емотивен ефект кој ќе направи музиката да допре до слушателите на подлабоко ниво.

3.Влатко Стефановски – Мајчин јазик (2017)

„Мајчин јазик“ го сметам за едно од врвните дела во поновата македонска музичка историја. Во септември 2024, после еден возбудлив ден во Амстердам и посети на бројни музеи, изложби и концерт на трубачот Арве Хенриксен во легендарниот џез клуб „Бимхаус“, додека патував со воз доцна во ноќта кон Утрехт добив порака од „Кроација рекордс“ за тоа дали би бил заинтересиран да напишам текст за винилното реиздание на „Мајчин јазик“ што без двоумење прифатив. Додека го пишувам ова тоа е веќе завршено и спремно за печатење. Винилното издание, кое се спрема во легендарното студио „Аби Роуд“ во Лондон, со тој текст ќе се појави во декември 2024.

Сите овие инструментали на албумов се познати – од авторски песни, до народни ора и песни, но тоа што го внесува од широкиот емотивен распон е тоа што прави оваа музика да звучи поинаку и подраматично, и со тоа да раскаже поемотивна приказна на начин на кој со зборови не може. Сето тоа што го напишав претходно за што е тоа што ги одвојува одличните музичари од просечните важи и за ова издание на Влатко. Технички одличните музичари се способни да реплицираат одредено парче музика точно како што е напишано, но големите музичари ги потиснуваат границите, ризикуваат и создаваат нешто свежо и различно. Одличните музичари можат да раскажат силни емотивни приказни и да ве натераат да почувствувате широк распон на емоции од радост до тага од носталгија до возбуда. Албумов беше снимен во тежок период за Влатко и ако го преслушувате ќе приметите дека тој звучи поинаку. Жиците треперат поинаку, има своја емотивна тежина и своја директност.

Македонскиот фолклор е прекрасен и богат и длабок и динамичен и емотивен, меѓутоа сведоци сме на поинакви пристапи кон тој мелос кои не се музејски и каде се внесуваат елементи на други музики и го збогатуваат на начин. Со други зборови, пренесен е во ерата во која живееме. Тој пристап веќе беше виден во македонската музичка историја со изданија како „Пред дождот“ на „Анастасиа“ и „Крушево“ на Стефановски и Тадиќ или „Пиле шарено“ на Доријан и Добрила (ова се само неколку примери). За мене музиката е жива форма, како и јазикот што го зборуваме. Тие или се збогатуваат на убав начин како што е со претходно спомнатите изданија или на неубав начин и се запоставува. Не е за џабе речено, „вчерашната револуција е денешна традиција“.

На „Мајчин јазик“ Влатко внесува многу од неговата шарена позадина со рок, џез, ЕСМ музика, и песните се побогати поради тоа иако се работи за само една гитара.

4.Tom Waits – Heart of the Saturday Night (1974)

Том Вејтс е мистерија. Том Вејтс е необичен, искривен, неортодоксен, неизбалансиран карактер и како резултат на тоа, таква е и неговата музика која е неортодоксна, неизбалансирана и необична. Албумот „The Heart of the Saturday Night“ е нешто што отскокнува во неговиот богат опус. Тоа е неговиот втор албум од 1974 и во тој момент е автор кој допрва почнува да си го пробива патот, да се докажува и гради своја репутација.

Албумов е спој од повеќе љубови кои Вејтс ги има во во тоа време од џез, блуз и r&b музиката и кабарето, па до театарот и битниците и нивните дела. Приказните кои се раскажани во овие соул џез песни дишат под влијание на бит поезијата и оставштината на битниците, посебно Џек Керуак.  Меѓутоа, персоната која ги раскажува овие приказни е веројатно најголемата мистерија. Тоа е уличен лузер, барска мушичка, полн со улична итроштина и искреност, некому кому судбината не му доделила добри карти во играта и се труди да остане во оваа игра наречена живот.

Тоа што е најмногу приметливо дека оваа персона која Вејтс ја има создадено се’ уште го нема оној груб и рапав глас туку поседува свиленкаст и мелодичен глас. Помогнат од само пијано, бас, бубњеви и по некој брас инструмент и гитара, Вејтс создава еден вешто измислен простор или кварт каде се случуваат секакви случки за време на таа саботна вечер. Ноќниот живот во тој простор изнедрува секакви приказни и луѓе (или духови) преку оваа едноставна барска музика која е помогната со чаша со виски и малку лед и по некоја цигара и добра музика. Ова е за мене најпоетичниот Вејтс каде се излеваат приказни во манирот на неговиот идол, Џек Керуак или други писатели како Рејмонд Карвер или Буковски. Многу од песните дишат со она чувство дека нешто ќе посебно ќе се случи таа вечер кога ќе излезете од дома  – дали некоја романса, нов живот, проблеми, промени или одлична забава. Секоја песна ми е драга и обично го преслушувам од почеток до крај.

5.Miles Davis – Kind of Blue (1959)

Тоа што џезот го претставува за мене е слобода, иновација и еден вид културна фузија. Можеби повеќе од сите музики тој повлекува влијанија од блузот, госпелот, регтајм, класичната музика и импровизирачка слобода кои ја истакнуваат индивидуалноста во рамките на едно колективно искуство. Тоа го прави и ден денес и наоѓа инспирација во секоја актуелна музика.

Една од големите желби што ги имам како преведувач е да ја преведам автобиографијата на Мајлс Дејвис на македонски јазик. Веројатно сме ние последната нација на светот која не го направила тоа. Таа книга е суво злато која дава увид во светот на еден од великаните на современата музика. Неговото име е врзано за џез музиката и е синоним за оваа музика но за мене тој е повеќе од тоа. Тој е икона на некое време кое се смета за златно доба во музиката и е еден од највлијателните музичари и композитори. Како и Стравински пред него, тој е познат по постојаните иновации и експериментирање со различни музички стилови. Кога останатите ќе го стигнеле тој веќе се нафаќал на нешто ново и веќе работел нешто трето и тоа се случувало постојано. Како трубач и бендлидер, тој оставил длабок печат во развојот на џезот, особено преку жанровите како бибап, кул џез, модален џез и фјужн.

Kind of Blue се смета за едно од најпопуларните изданија на џез музиката и тоа ја отелотворува оваа музика преку својата едноставност, елеганција, ненаметливост, длабочина, и слобода за импровизација. Албумов е уште една од иновациите на Мајлс односно го вовел модалниот џез, со фокус на импровизација базирана на скали наместо на комплексни хармонски прогресии, што на музичарите им овозможило простор за истражување и изразување на индивидуалните гласови. Секоја композиција, од „So What” до „Freddie Freeloader”, носи медитативни квалитет, каде музиката не се труди да се наметне туку ве заведува да се нурнете во нејзината длабочина и суштина без ограничувања. Поставата, која ги вклучува Џон Колтрејн, Бил Еванс и Кенонбол Адерли, ги обединува некои од најиновативните музичари од тоа време, и нивната синергија и интеракција станаа модел за колаборативниот дух на џезот.

Има многу повеќе кај ова издание од ова што го имам напишано. Има нешто свето кај него. Тој зрачи со едноставна, но возвишена убавина, како да е создаден да го надмине времето и просторот, носејќи чувство на таинствена енергија што постојано привлекува нови слушатели. Ова е уште еден албум кој се преслушува од почеток до крај.

***

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија Павловска – Бјанка Станковиќ – Ена Утевска – Александар Анѓелковиќ – Атанас Велковски – Јован Близнаковски – Маргарита Арсова – Кирил Колевски – Рамона Кочишка – Теодора Соколовска – Ангела Бошкоска – Хана Корнети – Милена Крстевска – Вангел НоневскиАндреј Медиќ Лазаревски

***