Студентот по продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и претседател на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“, Петар Антевски одбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома, со краток осврт кон албумите.
Антевски во моментов работи како продуцент на првиот театарски проект на „Пресврт“, претставата „Иднината е приватна“ и како дел од маркетинг тимот на „Самоглас“ – првата платформа за аудио книги на македонски јазик во рамки на Здружението „Флуктус“.
Ова се неговите #ПетАлбумиЗаПоДома, рубрика која Радио МОФ ја започна за да се грижиме за општото културно и ментално здравје:
1.Hercules and Love Affair – The Feast of the Broken Heart (2014)
Толку многу го сакам албумов што илустрацијата на синглот „Do you feel the same?“ е мојата прва тетоважа. Hercules and Love Affair се совршениот спој на хаус, диско и техно за мене. Текстови кои инспирираат, охрабруваат и те тераат да рефлектираш на себе си, додека неуморно танцуваш (дури и по дома) на ритамот кој те носи кон некоја трансцендентна состојба. А. впрочем и што е поентата на музиката, ако не токму тоа?
2.Jessie Ware – Tough Love (2014)
Особено важен албум кога ми треба доза на меланхолија и нежност, во комбинација со првиот албум на Jessie ware, „Devotion“, кутија бело вино и мраз. Во моментов, Џеси го подготвува својот нов албум „What’s your pleasure?”, a со објавувањето на видеото за синглот „Spotlight“ веќе ме плени. Визуелната естетика на видеото е импозантна, а самиот крај е доста катарзичен и нам од Балканот повеќе од познат. Инаку видеото е снимено во Белград на приватниот „Син воз“ на Тито.
3.Madonna – Confessions on a Dance Floor (2005)
Не признавам листа без „guilty pleasure“, а овој албум е одличен пример за квалитетна поп музика. Времето кога Мадона беше инспирирана од музиката на ABBA, Donna Summer, Depeche Mode, Bee Gees и генерално музиката од 80-ите години. Со „Confessions on a Dance Floor“, Мадона успешно го донесе диско звукот во 2000-ите, давајќи му современ призвук кој ден денес си го пуштам кога имам премногу работа, ме вози скроз.
4.The Weeknd – After Hours (2020)
Иако објавен пред неколку денови, сингловите веќе долго време ми се на актуелната плејлиста. The Weeknd со својот нов албум носи музика која гребе во интимата, а песните се претопуваат една во друга со совршена музичка нарација. Уште пробувам да го сместам во секојдневието, а можеби и не треба да му ставам рамки. Побарајте ме подоцна, мислам дека оди добро во комбинација со Jessie Ware.
5.Mark Ronson – Late Night Feelings (2019)
Сто пати сум рекол, и веројатно уште толку ќе речам дека се што прави Марк Ронсон, нема утка. Ако ви треба албум за после раскинување оваа година, еве го, пробан ми е! Албумот е продуциран од Ронсон, а е во соработка со женски вокали меѓу кои Lykke Li, Miley Cyrus, YEBBA, Alicia Keys итн. Овој албум е доста различен од се она што сме слушнале претходно од Марк Ронсон, докажувајќи дека стилот иако се менува, квалитетот останува ист или подобар. Албум кој е доволно емотивен, но не самосожалувачки. Треба храброст за толку гласно да пееш со скршено срце!