Студентката на факултетот за музичка уметност и екоактивистка, дел од иницијативата Fridays for future, Сара Цветкоска oдбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома, со краток осврт кон музичките остварувања:
1.King Crimson – Radical action to unseat the hold of the monkey mind (2016)
Албумот е снимен во 2015 година за време на турнејата во Јапонија, додека песните се претежно од периодот 1969-1974. Една од причините зошто го одбрав овај албум е фактот што самиот состав на изведувачи во албумот е многу невообичаен. Се состои од двајца гитаристи, басист, саксофонист и тројца тапанари (три сета тапани). Интересно е тоа што скоро сите песни се полиритмични и многу ретко може да се слушне унисоно кај ритам секцијата.
2.Rachmaninoff – Piano concerto no.3 – Martha Argerich (1909)
Ако Рахмањинов е причината за мојата љубов кон класичната музика, тогаш дефинитивно Марта Аргерич е виновна за мојата безусловна љубов кон пијаното. Оваа композиција е една од најпопуларните, но и една од најтешките композиции за пијано некогаш напишани. Соединувањето на овај концерт со беспрекорната техника и автентичен пијанистички сензибилитет на Аргерич, за мене е пример за совршена симбиоза во музиката.
3.John Coltraine – First Meditation (1965)
Иако повеќе години сум опколена со колеги кои се џез музичари, не бев некој фан на џез музиката се додека не го слушнав Колтрејн. Првата композиција која ја слушнав од него беше “Peace on Earth”, снимена е во Јапонија и е посветена на жртвите од Нагасаки. Колтрејн е еден од великаните на џез музиката кој може да се каже дека е на исто рамниште со Бетовен. Секогаш кога го слушам имам чувство дека ме пренесува во друга реалност. Го одбрав овај албум бидејќи претставува покана за медитација, соединување со универзумот и напуштање на индивидуализмот, тоа е нешто што ни треба во моментот.
Оваа листа за мене не би била потполна без „Meddle“. Албумот е направен после заминувањето на Syd Barrett од бендот и претставува период на транзиција и пронаоѓање на својот звук. Би ја издвоила песната Echoes, бидејќи текстот совршено го опишува потенцијалот што човекот го има, но заради својата природа е задушен од амбициите, потрагата по успехот, парите и моќта.
5.Svetlost – Odron Ritual Orchestra (2019)
„Светлост“ – музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски. „Светлост“ се: Нинослав Спировски [кларинет / сопран & тенор саксофон] Петар Христов [сопран саксофон] Иван Трајаноски [алт саксофон / баритон саксофон] Васко Бојаџиски [тенор саксофон] Бисера Базер [тромбон] Владан Дробицки [тромбон] Кристијан Новковски [тапани / удиралки] Драган Теодосиев [тапани / удиралки] Константин Хаџи-Коцев [пијано] Панче Бујуклиев [minibrute]Дени Омерагиќ [контрабас].
– – – – – – – – –
#ПетАлбумиЗаПоДома е нова рубрика на Радио МОФ, со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Разни личности, од различни профили и генерации, ни испраќаат свој избор од пет албуми што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Претходно #ПетАлбумиЗаПоДома ни испратија и Ѕвездан Георгиевски и Петар Антевски.