Новинарката, фриленсер и маркетер, Стефанија Тенекеџиева одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остварувања:
1.Nick Cave and the Bad Seeds – Ghosteen (2019)
Ghosteen не е ниту мојот омилен, ниту најслушан албум од широкиот опус на Nick Cave and The Bad Seeds, кои се несомнено најслушаниот бенд во моето домаќинство 😊. Но е поразличен од сè што сум слушнала во животот. Музиката е амбиентална, тивка, со метафизички теми. Не е препорачливо да се слуша трака по трака (иако Bright Horses како засебна песна е една од најубавите напишани од Кејв), бидејќи албумот е концептуален – првиот дел се децата, а вториот нивните родители. Совршен е ако ви треба наратор да ве води низ справување со вашите емоции. Некои луѓе вежбаат јога и медитираат, некои сакаат да одат во природа, некои бегаат од тага со хипер-социјализирање… Јас слушам Ник Кејв. А овој албум ми е посебно добар за ментално прочистување.
Во случајот на Ghosteen не станува збор само за музика, туку e многу похолистичко, поетично и спиритуално доживување. Во секој случај, последниот албум на бендот и трет дел од неговото жанровско реоткривање (заедно со претходните два албуми Push the Sky Away и Skeleton Tree), сметам дека е најхраброто, најамбиенталното и најексперименталното дело на закоравените goth rock легенди. Или, тоа што јас си го викам „sad bastard music“.
Ник Кејв и Ворен Елис успејаа од лична загуба да направат албум кој е своевидна комунална медитација – албум кој се слуша во празна соба, сам, со мислите присутни само за него. За разлика од претходниот албум, Skeleton Tree, во кој се чувствува само тага и празнина, Ghosteen е албум за надминување на минливоста, смртноста и стравот од нив, и наоѓање на убавина во животот додека трае. Кога ќе ти се случи најлошото што можело, потоа доаѓа само подобро – тоа е лајтмотиф во овој албум.
Екатерина Велика е бенд кој има посебно место во моето срце од две причини: прво – затоа што за мене отвори портал до цела една генерација на независни, храбри, експериментални и прогресивни музичари од овие простори, кои твореле пред мене и пред сиот шкарт, фолк и силикон. И второ – затоа што ме потсеќа на време од мојот живот посличен на „Синхро“, а помалку на „Пар година за нас“ 😊. Овој албум, со феноменалните рифови, клавијатури и ритам е генијално музичко дело, но е многу значаен и за независната мисла, бунтовноста и творештвото на екс-ју просторите.
Иако скоро сите мои омилени песни од овој бенд не се наоѓаат на „Љубав“, сметам дека е најсовршен како целина од сè што проилегло од оваа екс-ју група.
Прво – ова е единствен албум на Џеф Бакли! Прв и последен, а сепак совршен албум. Одговорно тврдам дека Бакли е најдобриот вокалист на светот, или барем најдобриот кој јас сум го слушнала. Од сензуалното шепотење на Mojo Pin, преку гласните, Led Zeppelin-инспирирани траки како Eternal Life и Dream Brother, па сè до безвременската Hallelujah, овој албум е ремек-дело. Со вакво деби, особено ми е тажно кога размилувам што сè би можеле да очекуваме од Бакли доколку не умрел толку млад.
П.С. Ако не се ежиш на Hallelujah, немаш душа.
4.Kendrick Lamar – To Pimp A Butterfly (2015)
Скршнување за 180 степени од сè друго на листава – ама To Pimp a Butterfly ми е најслушан албум во животот. Ламар е, според мене, preacher на новата генерација и лицето на активизмот во современата политика на САД. Со теми како социјална правда, полициска бруталност врз Афро-американската заедница, уличниот криминал, непристапноста до добар образовен систем и авто-гетоизацијата во родниот Комптон, Ламар стана музичката придружба на секој протест на Black Lives Matter и првиот рапер кој добил Публицерова награда за литература. Сето тоа раскажано од перспектива на дете од сиромашна фамилија, во најозлогласениот град во Калифорнија, кое станува пеперутката проституирана од музичката индустрија и системот кој не е изграден за луѓе како него.
Патем, го редефинира хип хопот и користи толку многу (и толку гласен!) џез, што е повеќе фјужн отколку рап/хип хоп. Соработници на албумот се многу од најдобрите современи хип-хоп артисти, како Steve Lacy, Thundercat, Flying Lotus, но и соул/хип хоп легенди како Рон Ајли од The Isley Brothers, Snoop Dogg и Dr Dre. Накратко, ако слушнете по еден албум од сите соработници на TPAB, ќе најдете уште 30 албуми за ваква листа.
Патем, пред да умре, Дејвид Боуви кажа дека To Pimp a Butterfly влијаел на звукот на неговиот последен албум – Blackstar.
5.Kate Bush – Hounds of Love (1985)
Ако некој ми кажеше дека ќе ја ставам Кејт Буш на листава, а нема да направам место за Radiohead и The Smiths пред година-две, ќе му кажев дека тоа е најчудното нешто што можело да се деси во 2020 година.
Ама, ете сме – ги прескокнав моите омилени бендови да ѝ дадам простор во златната петка на мојата омилена вештерка.
Hounds of Love е совршено контролирана, а истовремено хаотична какафонија. Кејт Буш и нејзиниот свилен, раскошен вокал се сами по себе доволни за добро слушателско искуство. Ама продукцијата, иновативното користење на синтисајзер во нејзината музика, одличните текстови и влијанијата од класичната англиска литература го прават Hounds of Love, за мене, најдобар албум на Кејт Буш.
Сакам да ја замислувам како седи во стар замок некаде на северот на Англија, како во „Оркански височини“, како оперира машина како во спотот на Cloudbusting и прави да врне кога сака.
Редоследот на албумите не е важен, а има и многу други кои сакав да ги сместам на ваква листа. Затоа направив и листа на honorable mentions бидејќи не можам, а да не ги спомнам и следниве албуми:
Radiohead – OK Computer, Radiohead – A Moon Shaped Pool, The Smiths – The Queen is Dead, Talking Heads – Remain in Light, QOTSA – Rated R, Fleetwood Mac – Fleetwood Mac, Foltin – Ovaa Transplantirana Mashina za Cukanje dosega ne tipkala ljubovno pismo, PJ Harvey – Songs from the city, songs from the sea, White Stripes – Elephant, Grinderman – Grinderman II, A Tribe Called Quest – Electric Relaxation, Erykah Badu – Baduism, Arcade Fire – Reflektor
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми