Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска ја имаме театарскaта режисерка Тамара Стојаноска, со нејзин осврт кон одбраните музички парчиња:
* * *
1.Phoebe Bridgers – Stranger in the Alps (2017)
Ова е првиот студиски албум на Phoebe Bridgers, издаден во 2017 година со кој станав можеби нејзиниот најголем фан. Музички за мене е перфектна комбинација од фолк влијанија и dreamlike indie елементи со очигледна инспирација од музиката и стилот на Elliott Smith и неговата специфична меланхолија. Сакам да слушам целосни концептуални албуми и музичари кои искрено копаат низ себе за да раскажат некаква приказна. Phoebe Bridgers со овој албум го прави тоа на еден многу суров, циничен, но истовремено нежен начин и јас комплетно се поврзувам со нејзиниот свет. Омилена песна од албумот ми е Funeral, иако најтажна и иако не можам секогаш да ја слушам, сепак мислам дека како текст е најсилна, зборува за една длабока тага, губење на близок пријател од предозирање со хероин и за мене претставуваше многу голема инспирација додека работев на претставата „Кенди“ во МКЦ.
2.Florence+Тhe Machine – Dance Fever (2022)
Dance Fever e петтиот студиски албум на Florence+The Machine, почнат со работа за време на пандемија, но објавен во 2022 година. Ова е еден многу креативен албум во кој Florence Welch црпи огромна инспирација од разни фолклорни приказни, митологија и легенди, расказите на Carmen Maria Machado, folk-horror филмови, а како најинтересен факт за мене е самиот наслов и концепт на албумот кој е инспириран од еден социјален феномен од средниот век наречен dance fever или choreomania (танцувачка треска/чума или манија) каде што групи на луѓе неконтролирано танцувале до смрт или сѐ додека не колабирале од исцрпеност како резултат на масовна хистерија или колективно доживеан стрес. Преку вакви референци албумот зборува за анксиозноста на модерното време, Florence го поврзува и со пандемијата и времето во кое живееме и многу искрено зборува за начинот на кој еден уметник се справува со неконтролираната потреба за творење и покрај тоа што е многу тешко одново и одново да даваш делови од себе. Дефинитивно е албум кој има многу слоеви и теми во себе од музички и од концептуален аспект. Dance fever e a dance party to release your demons to.
Омилена песна од албумот: Morning Elvis
3.Taylor Swift – Folklore/Evermore (2020)
Очигледно е дека во последен период слушам многу музика со indie и folk елементи од музички аспект но и како целосни концепти и приказни и морав да ги споменам folklore и evermore „сестри“ албуми на Taylor Swift објавени во 2020 година. Ја знаеме Taylor Swift како супер ѕвезда по нејзините поп албуми и mainstream хитови, но во овие два албуми се гледа големината на поезијата на Taylor Swift и нејзиниот огромен талент за раскажување приказни. Како врв на нејзината поезија морам да ја издвојам бонус песната the lakes и соработките со Bon Iver (exile и evermore), со HAIM (no body, no crime) и betty. Иако е позната по своите автобиографски текстови, во овие два албуми раскажува приказни за други животи од некое друго време, но невозможно е да не се пронајдеш во ликовите што ги создава бидејќи знае на кој начин да зборува за многу универзални теми. Taylor Swift создава цели светови околу својата музика, нејзините концерти се буквално спектакли со многу режија, сценографија, костими, концепт, го режира секој еден детал и сето тоа мене ми дава многу театарски vibes со кој секако многу се поврзувам.
4.Boygenius – The Record (2023)
Овој бенд е најдобрата спојка од мои омилени музичари Julien Baker, Lucy Dacus и Phoebe Bridgers и ова е нивни прв студиски албум издаден пред еден месец. Додека го слушам овој албум ја чувствувам нивната хемија, длабоко пријателство и едноставно многу јасно се гледа дека уживаат во создавањето музика заедно. Покрај албумот, објавија и краток филм со три песни во кој многу јасно се сфаќа целокупниот концепт на албумот во кој секоја песна е како интимен разговор помеѓу блиски пријатели пред кои можеме да ги покажеме и најстрашните и најтажните делови од себе. Музиката е прекрасна фузија на нивните индивидуални музички стилови со многу инспирација од Elliott Smith.
Oмилена песна од албумот: Not Strong Enough.
5.Elliott Smith – Either/Or (1997)
Elliott Smith го слушам многу одамна и го слушам многу често и Either/Or (1997) ми е негов омилен албум. Уште од првото слушање се опседнав со поезијата во текстовите, неговата навидум музичка „едноставност“ со која може да ги каже најтешките работи на многу јасен и искрен начин само со акустична гитара и некако многу е тешко со зборови да се објасни топлата меланхолија што ја носи неговата музика. Тој беше голем поет, но пред сѐ филозоф и албумот Either/Or се бави со егзистенцијални теми, инспирирани од данскиот филозоф Søren Kierkegaard и неговата книга од 1843 со ист наслов. Особено во овој албум се чувствуваат музички референци и инспирација од The Beatles, The Kinks и Bob Dylan и во овој албум многу повеќе од претходно почнува да експериментира со својот звук, го проширува својот звук и тука вклучува неколку песни со аранжмани за цел бенд, додава пијано, но сепак ја задржува тивката интимна атмосфера на неговата музика.
Омилени песни од албумот: Between the bars и Alameda.
* * *
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска
* * *