#ПетАлбумиЗаПоДома на Тони Димитров

Звучниот уметник и културен истражувач, Тони Димитров одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.

Димитров е долгогодишен радио водител и радио активист преку емисијата „Post Global“ на култното радио „Канал 103“. Тој е планинар, комуниколог, диџеј, продуцент во „Post Global Trio“ и сопственик на македонскиот музички лабел „Post Global Recordings“.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Димитров, со негов осврт кон топ пет музички остварувања. Односно, како што самиот го нарекува – „Изолационистички топ 5“:

Кога зборуваме за изолација, за простор, исполнетост, позадина, зборувавме за амбиент; а кога е музиката во прашање, тогаш станува збор за амбиентaлна музика или за звучен пејзаж. Амбиент е музика чија интенција е токму да ја оплемени средината, па ја исполнува целта да креира соодветна атмосфера во просторот во кој се наоѓате.

Морам да признаам дека во изобилство на време, покрај другите работи периодов се посветив на слушање на стари, заборавени албуми или албуми на кои им немам посветено доволно внимание во моментот кога требало и тоа на стариот добар формат – касета. Но, сепак тоа се познати албуми чија промоција е излишна, па за оваа прилика би се осврнал на вистинската изолационистичка музика направена денес, музика која во оваа прилика може да ја искористите како соодветен саундтрак за вашата интимна изолација.

Иако можеби амбиенталната музиката како жанр е поставена и порано, Брајан Ено со албумот Ambient 1: Music for Airports во 1978 година, создаде музика што „прилагодува многу нивоа на слушачко внимание, без притоа да поттикнува некое од нив, а мора да биде игнорирачка, колку што е интересна“. Со тоа е поставена дефиницијата на амбиенталната музика, а неговата намера беше токму таа: да создаде звучна инсталација која ќе ја смири напнатата и вознемирувачка атмосфера на аеродромските терминали.

Амбиент музиката стилски денес е разгранета во многу правци, но нејзината намена, да биде позадина на вашиот ден, простор, духовно искуство, бегство од бучното секојдневие или облагородување на прошетката или читањето книга, е останата иста. Тоа применете го во домашни услови и ете го вашиот совршен простор за изолација.

Па да започнеме:

1.Carlo Giustini – L’abbaglio (élan vital recordings, 2020)

Carlo Giustini е звучен истражувач и амбиент музичар кој живее во италијанскиот град Тревизо, а тоа значи дека изолацијата му е добро позната. На страната на овој албум (без да се обидувам да преведам) е наведено: Imagine being able to live forever in a small, warm, intimate home. A mental space, a haiku. Imagine feeling the walls of this environment, gently touching them with your fingertips, savoring the essence of its thousand past inhabitants. Now you’re in charge, a humble guardian of the secrets of this peaceful environment. A domestic place, close but at the same time unknown and nostalgic. You are the keeper of this small house, of this mental space forever. We need to return to an intimate and thoughtful listening. We deeply need a spiritual rebirth, a self-medication. We must go back to being the only explorers of our deepest essence.

Уште самиот опис сугерира дека албумот се однесува токму на херметичноста, хаунтологијата, изолацијата, а кога ќе го чуеме сфаќаме дека вибрира со носталгично чувство. Албумот е снимен со стара опрема и е посветен на ерата на касетите, па ни станува јасно зошто е тоа така.  Обидете се и со претходните албуми, ќе го добиете истиот резултат.

2.Vladislav Delay – Rakka (Cosmo Rhythmatic, 2020)

Изолационистички албум во вистинска смисла на зборот. Сасу Рипати АКА Vladislav Delay, напуштајќи го хаосот на цивилизацијата и Берлинската тензична атмосфера, веќе некое време живее во излолација над арктичкиот круг. Иако албумот не е креиран со теренски снимки, токму пејзажот и дивината на арктичката тундра и суровата, неконтролирана моќ на голата борба за опстанок, се директната инспирација за овој албум. Редукционистички и соголен од мелодиите карактеристични за неговата досегашна музика, овојпат фокусот го става на ледените, абразивни, вибрирачки текстури со кои прецизно ги доловува изолационистичките сили, суровата енергија и дивата атмосфера на далекиот север.

Сепак ова не е звук карактеристичен за него и очигледно е рефлексија на средината во која битисува веќе некое време (заедно со своето семејство), а доколку неговата изолација ја чувствувате вознемирувачка, можеби треба да се обидете со неговиот минат опус, како еден од пионерите на амбиент звукот кој е под влијание на даб музиката. А токму сега е вистинско време бидејќи веднаш по излегувањето на Rakka, беа реиздадени и ремастерирани верзии на албумот Multila (издаден за Chain Reaction во 2000) и ремастерирана верзија на албумот Vocalcity (Force Tracks 2000) издаден под псевдонимот Luomo. Камен темелници на органскиот амбиентален звук, инспирирани од суптилните даб и хаус влијанија. Неповторливи ремек дела.

3.Sam Shalabi + Stefan Christoff – Flying Street الشارع الطيّار (Howl!, 2015)

Соработката на дуото започнуваа како пријателство кое расте низ долгите разговори за музиката, социјалната правда и политиката, а потоа еволуира во овој музички дијалог. Сржта на нивниот пристап е да го продолжат овој разговор преку инструментите (кои доаѓаат од нивните традиции) и да чуеме како тие зборуваат директно преку импровизацијата. Тука не се работи за традиционална музика, египетска или македонска (од каде изворно потекнува Стефан), туку за рефлексии за идентитетот, чувството на припадност, изолацијата… Можеби за оваа прилика не избрав најизолационистички/амбиентален албум на Christoff, но за диверзитет и атмосфера изборот падна на ова исконско патување кон поегзотичните краишта на Балканот и Африка, кое започнува со суптилната игра помеѓу удот и пијаното.

Како бонус да се проверат и неговата соработка со Osama Shalabi која резултира во албумот родина, но и соло албумите на неговиот брат Jordan Christoff или пак заедничкиот проект Anarchist Mountains. Вистинско амбиентално духовно патување.

4.William Basinski – HYMNS OF OBLIVION (William Basinski, 2020)

Едно возбудливо изненадување од најизолационистичкиот музичар воопшто. Се работи за стар материјал кој дури сега го здогледува светлото на денот. Доста поразличен од класичниот дрон во долги формати по кој е познат и со сосема неочекувани вокали, но токму тоа го прави уште попровокативен, покажувајќи една негова сосема поинаква страна. Совршена позадина за самување. Секако, за оваа цел препорачливо е да се практикува и неговиот серијал The Disintegration Loops.

5.Yann Novak – Doppler.Shift (self released, 2020)

Ова издание е изолација сама по себе, но конвертирана во звук. Такви се всушност сите изданија на Yann Novak. Затоа мора да се вклучи барем едно во оваа листа. Всушност Doppler.Shift е албум кој како звук потекнува од негова изложба во Лос Анџелес, а подоцна го објавува како реакција токму на кризата и со намера слушателите со него да ја смират вознемиреноста. Оригиналната изложба е составена од Red.Shift и Blue.Shift, две site-specific звучни и светлосни дела, кои вклучуваат филтрирани флуоресцентни светла и синтетизиран звук, испреплетени со теренски снимки од изложбениот простор. Споените композиции создаваат хармонична „нијанса“ на околината што го менува расположението и атмосферата за минувачите. Останува уште сето ова да го примените и во својот домашен карантин.

***

Да не останеме должни, би сакал да споменам уште неколку нови изолационистички изданија погодни за овој контекст, кој сигурно ќе ви се најдат во овие прилики.

6. Felicia Atkinson – Everything Evaporate (2020)

7. Loke Rahbek & Frederik Valentin – Elephant (2020)

8. Loscil – Baychimo (2020)

9. Purl – Emissary (2020) / Purl – Seraphine Wings (2020)

10. Andrew Tasselmyer – Associative Mechanisms (2020)

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – ЦенеАна Здравкова