Водителот на радио-емисијата „Danse Macabre“ на култното „Канал 103“ и филмски критичар, Златко Ѓелески одбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома.
Ѓелески е писател, автор на неколку збирки раскази, но и уредник и рецензент во Јутјуб-емисијата „Видеологија“. Има удел и како филмски критичар во списанијата „Филм+“ и „Кинопис“.
Ова е музичкиот избор на Ѓелески за #ПетАлбумиЗаПоДома, со негов осврт кон музичките остварувања:
Предизвикот да се состават овие лични листи на омилени уметнички творби секогаш ми претставува слатко задоволство, посебно кога треба да се направи ригидна селекција на најомилени музички албуми. Морав да направам некаков механизам за селекција и критериум според кој ќе биде изведен изборот, за да можам полесно да спијам со помислата дека не сум изоставил некое капитално дело. Меѓутоа, изборот одлучив да се состои од албуми кои го имаат допрено моето уво на помала возраст, чисто колку да си самозададам повод да ја избришам прашината од касетите, плочите и дисковите. Издвојувам лични фаворити, не врз основа на квалитет, туку врз основа на која тие ми оставиле некаков печат на развојот како слушател и со благопријатна носталгија се навраќам на нив, така што со сигурност знам дека на еден човек ќе му се допаднат. Утре може сосема поразлични пет албуми да се најдат на листата, така што ова е мојот моментален личен пресек.
1.Pink Floyd – Wish You Were Here (1975)
Во текот на овој месец се навраќам на дискографијата на Дејвид Гилмор, што пак беше иницијална каписла за отворање на племиката кој албум од Pink Floyd ми е најдраг до срцето, па затоа ако морам да издвојам еден ,тогаш е ова ремек дело од 1975 година, албум кој не само што нема лоша песна туку концептуално е беспрекорен и го преслушувам во еден здив. Првата средба со албумот беше при една размена на касети и дискови со мој пријател со кој се обидувавме да ги собереме сите албуми на Pink Floyd кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите, меѓутоа овој албум од прва до последна нота до ден денес ме зачудува како е возможно да се направи синтеза на човечкото искуство преточено во звук. Јас уште се сомневам дека албумот е продукт на овој свет.
2.V.A. – Nativity in Black (1994)
Со оглед на тоа што треба да издвојам еден албум на Black Sabbath на листата, наместо првите пет, нема да подлегнам на таа неблагодарна задача како во случајот на Pink Floyd, затоа ќе направам кукавични избор и ќе ја вметнам компилацијата на обработки на едни од најзначајните бендови на денешницата, кои ми демонстрираа што значи да се присвои оригинална композиција и преточи низ сопствен звук. Наместо јас да пишувам реферати за тоа колку ми значи секој риф на Ајоми и стих на Ози, ќе оставам бендови како: Biohazard, White Zombie, Megadeth, Sepultura, Faith No More, Type O Negative и Cathedral да демонстрираат дека ако Black Sabbath не им демонстрирале како да ја вклучат гитарата во појачало и да продрат во мрачните домени со текстовите, немаше да постојат нивните дискографии. Ако има некој бенд кој е виновен за ширење на сите хард рок и метал поджанрови тогаш тоа се овие момци од Бирмингем.
3.Alice Cooper – Welcome to My Nightmare (1975)
Тие што ме познаваат приватно нема да бидат изненадени за местото на албумот на оваа листа, иако Brutal Planet од господин Фурние требаше да го заземе неговото место, но како стареам све повеќе ми значи музичката разноврсност на шок рокерот, кој ми демонстрираше дека песните може да се структурираат како раскази и да се постигне доволно евокативна атмосфера, небаре музиката се проектира во главата на секој слушател. Алис Купер е дедото на сите маскирани момци како: Marilyn Manson, Gwar, Slipknot, Rammstein, KISS, W.A.S.P. и King Diamond, артисти кои користат театрални специјални ефекти за збогатување на нивниот концертен настап, меѓутоа капата секогаш ќе биде симната за господинот кој до ден денес оживува и умртвува ликови за времетраење на една песна, без разлика дали е тоа насловната, The Black Widow, Only Women Bleed или пак Steven.
4.Dream Theater – Train of Thought (2003)
Ова место е судено за прогресивен бенд, затоа што претходно беше позициониран албумот на Tool – 10,000 Days, но сфатив дека ми се потребни два дена за да го преслушам, па воден од потребата да заменам една виртуозност со друга, ставив на листата албум кој е подеднакво долг и квалитетен. Не барајте логика во изборот, нема. Станува збор за албумот кога музичарите, кои знаат да свират повеќе отколку што треба да знае еден музичар да свири, решија да престанат да се натпреваруваат со солирањата, конципираа и напишаа албум кој до ден денес не се способни самите да го надминат на ниво на неговата мрачност и инвентивност. Има натпревар меѓу Петручи и Портној кој ќе направи подобра песна и тој дуел резултира со победа за секој слушател кој ќе ужива во ова дело од As I Am до In the Name of God, како што сум уживал и јас кога за првпат го слушнав.
Кога мора да се затвори листата, тоа значи дека илјадници албуми ќе се изостават. Така што тинејџерот во мене се бунтува зошто првиот дел од Garage Inc. на Metallica не сум го ставил во листата, или пак Brave New World на Iron Maiden кога знае дека небројани пати сум ги преслушал и сум ја извикувал стиховите на глас и во живо кога сум ги гледал. Во право е да се бунтува, меѓутоа нема да може да порекне дека кога ќе се пушти Damnation заборава на револтот и наталожената фрустрација на многу поразличен начин ги лекува раните со милозвучната меланхолија на ова ремек-дело. Точно е дека можев да издвојам кој и да е агресивен албум да се најде на листата, меѓутоа, ако неке скротено прогресивно рокенрол дело успева да ја извлече на површина тагата, радоста, очајот и каењето, а сепак да биде интимен албум кој секој негов слушател ќе си го толкува низ сопственото животно искуство и не остане недопрен, тогаш ќе се помири и тинејџерот во мене и заедно ќе ја пуштиме ова виртуозна творба.
– – – – – – – – – –
Радио МОФ започна нова рубрика #ПетАлбумиЗаПоДома, со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Ќе објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето да ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска