Наградата „ПЕН преводи“ што ја доделува англиски „ПЕН“ оваа година за првпат ја освои македонски автор, односно писателот Петар Андоновски за книгата „Лето кое те нема“.
„Од вкупно 21 наслови од 19 земји кои се пишувани на 18 различни јазици, ова е првата македонска ЛГБТИ наградена книга, ова е првпат англиски ПЕН да додели награда на автори од Северна Македонија и Гватемала и првпат да додели ваква награда на дело што е преведено од македонски и тајландски јазик“, пишува на официјалната страна на ПЕН наградите.
Делото на Андоновски е во превод на Кристина Е Крамер под насловот „Тhe Summer You Weren’t There“, а издадено е од „Партијан букс“.
Андоновски е роден во Куманово во 1987 година. Тој има дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
На книжевната сцена дебитираше со делото „Очи со боја на чевли“ со кое влезе во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник. Во 2015 година излезе неговото второ дело, романот „Телото во кое треба да се живее: токсични цветови на деликатниот морал“, за што Андоновски ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2015 година. За романот „Страв од варвари“ е добитник на Европската награда за литература.
Освен проза, тој е автор и на збирката поезија, „Ментален простор“.