Петар Барлаковски е избран за првиот младински претставник од државата во Обединетите Нации, со мандат од две години. Младинскиот делегат претставува функција која се доделува на млад човек од страна на држава-членка на Обединетите Нации, со цел да учествува на важни меѓувладини состаноци во дел од телата на ОН, но истовремено има улогата и на промотор на младите од државата во меѓународните односи.
„За мене овој избор претставува огромна чест и привилегија, но уште поголема одговорност. Имајќи предвид дека сум избран за првиот ваков делегат од Северна Македонија, ќе ја имам задачата добро да ги воспоставам темелите на оваа функција за наредните делегати но и да го поставам прагот за тоа како и што треба да прави младинскиот делегат. Дополнително, ова претставува и голема шанса за подобрување на огромните проблеми со кои се соочуваат младите во државата како невработеноста, високата имиграција, нискиот квалитет на образование и незавидливата ситуација со животната средина. Финално, за мене лично ова претставува и големо професионално усовршување и напредок кој верувам ќе ми биде од исклучителна полза во понатамошната кариера“, вели Барлаковски.
Како што појаснува Барлаковски, задачите и обврските на младинскиот делегат, освен претставување на младите и гласот на младите во рамки на Обединетите нации, сѐ и присуството и активното учество на состаноците предвидени во програмата на ООН за младинските делегати. Дополнително, предвидено е и младинските делегати да учествуваат на Генералното собрание и комисиите на Економско -социјалниот совет во рамки на ООН.
„Тие честопати даваат придонес за нивната делегација за прашања поврзани со младите или приоритетни прашања покренати во националните консултации пред нивниот ангажман на меѓувладиниот состанок. Тие, исто така, можат да учествуваат во општата работа на делегацијата преку присуство на различни состаноци и неформални преговори, како и обезбедување помош при покривање на општи дебати и изготвување извештаи“, појаснува новоизбраниот македонски претставник.
Со учеството, младинскиoт делегат ќе промовира и охрабрува носење на одлуки со цел развој на заедницата и ширење на свеста и значењето на ООН за младите луѓе. Во целиот процес на избор на македонскиот делегат беа вклучени претставници од Агенција за млади и спорт, Канцеларија на Претседател на Влада, Министерство за надворешни работи, Канцеларија на резидентен координатор на ООН, Фонд за население на Обединетите нации (УНФПА), Детски фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Националниот младински совет.