Пред речиси една деценија, Петар Стојанов ја напушти Македонија за да го продолжи своето образование во САД. Деновиве стана познат на македонската јавност по признанието „Најдобар млад научник за 2013 година“ кое му го додели претседателот Ѓорѓе Иванов. Има само 26 години и работи како биоинформатичар на „Broad Institute“ во Бостон, заедно со ментори и професори од престижниот универзитет Харвард. Во изминатите три години како коавтор има објавено 23 научни труда, ја сака својата работа, а за Радио МОФ вели дека вистински се надева дека ќе биде дел од оние луѓе кои ја спојуваат Македонија со светот.
Што беше пресудно за да го добиете признанието „Најдобар млад научник“?
Мислам дека клучни беа ред на научни трудови од висок импакт фактор кои што беа објавени пролетта во 2013, а кои беа резултат на работа од три години во кои што работевме на повеќе типови рак и каде што објавивме резултати на статистички и математички анализи на вакви податоци, но и резултати кои можат да имаат потенцијално емпириско значење.
Јас работам на анализа на ДНК промени на ракот кои што се собрани на масовно ниво, значи од многу пациенти кои се вклучени во овој проект и волонтирале во него, ги донирале своите биопсии да бидат секвенционирани и да бидат отчитани со целата секвенца на ДНК. После тоа можат да се увидат промените на ДНК кои можат да се случат само во ракот. Значи се работи на технолошки и аналитички процес кој ги покажува овие промени, а целта е со нашата анализа да се види точно кои промени придонесуваат за појава на рак, односно кои промени се случуваат само како нус-продукт, како нешто што се случува поради ракот или поради некој мутациски процес и што не придонесува за ракот. Значи ова е слично на барање игла во сено.
Што поконкретно значи професијата биоинформатичар?
Тоа е човек кој што се занимава со информатика и добро ги познава информатичките и математички науки, знае да има ригорозен пристап во тој поглед, но работи на биолошки проблеми и податоци. Станува збор за анализа на податоци кои доаѓаат од некакво отчитување на клетката или организамот. Јас работам на рак, други работат на генетика, некои работат на наследни заболувања, на системска биологија и развој, значи не мора да има директна поврзаност со болест.
Завршивте трета година средно училиште во Македонија, потоа се упативте кон САД. Како го направивте овој избор?
Се случи многу спонтано, бев на одмор и одлучив да останам таму… за да видам што ќе се случи. Беше одлука која ја направив за помалку од една недела. Најдовме начин да го истераме административниот процес, како туристичката виза која што ја имав да се пренамени во виза на размена, како да се среди бирократскиот процес со средното училиште што го одбрав таму. Имав среќа бидејќи моето семејство имаше добри пријатели, Невенка Димитрова и Гуру Банавар со кои останав една година на размена во Америка. Додека учев, аплицирав на факултет што пак ми даде голема предност бидејќи можев брзо да научам како функционира тој систем на апликации и како функционира американскиот систем на образование кој е малку поинаков од нашиот.
Потоа дојде и факултетот. ..како течеше вашето понатамошното образование?
Типот на факултет„ Bard college“(liberal art college) е всушност една продолжена гимназија, на ниво на факултет каде што многу луѓе уште незнаат што ќе студираат . Има оддели од секој тип на едно место и малку студенти, но многу смерови, од општествени науки, јазици , историја , уметност и природни науки, математика. Секој студент мора за земе по еден предмет од сите, но и да има пријавен смер каде пак има повеќе задолжителни предмети, но и слобода за комбинација на различни идеи. Тоа беше идеално за мене бидејќи може да комбинирам биологија, хемија, математика, информатика , без да морам да пријавам насока во првите две години. Ова ми овозможи преку лето да работам во мојата област, кога тогаш се уште беше ретка, за потоа да експлодира и да стане многу популарна. Таа флексибилност ми овозможи да најдам летна истражувачка работа и да стекнам широко образование кое пак ми овозможи да ја добијам работата која ја имам денес.
Постои ли некаква соработка со Македонија, како за време на вашето образование во САД, така и сега , во текот на вашата истражувачка работа?
За жал не, но се надевам дека за време на докторските студии ќе имам можнност за тоа. Живееме во време кога тоа е можно и комуникацијата е лесна, има конференции, има трудови, го зборуваме истиот јазик. Треба да има само синхронизација меѓу луѓето кои работат истражувачка дејност надвор и оние овде во Македонија. Би сакал да бидам дел од оние луѓе кои ја врзуваат Македонија со остатокот од светот.
Постојат повеќе понуди од универзитетите за вашите магистерски и докторски студии во САД. Какви се идните планови?
Имам понуди од повеќе места, но и од различни области. Така на Харвард има биомедицински и биолошки науки, на МИТ има биологија, на друг универзитет има информатика… Сега планот е да се одбере еден од нив и да го завршам најдоцна за шест години. Дури потоа ќе видам дали ќе ја продолжам мојата кариера во академската средина, или можеби во индустрија. Се уште немам конкретна желба дали ќе бидам професор или менаџер, но знам дека сакам голема доза на одговорност и голема доза на креативност.
Каков е животот на еден млад човек во САД, кои се разликите во начинот на живот?
Мислам дека една од најголемите разлики е индивидуализмот во Америка како еден мошне важен културен аспект. Сепак, ова е многу голема генерализација, но за мене не беше премногу тешко да се адаптирам. Секако првата година е најтешка, различно е, почнувајќи од јазикот кој изобилува со идиоми и различни изрази. Сепак луѓето се добри, помагаат и почитуваат работа и труд и дефинитивно не ограничуваат и не обесхрабруваат никого. Овозможуваат независност и креативност, не велам дека тоа го нема овде, но Америка е позната по овие придобивки.
Што би им порачале на младите ?
Да не се откажуваат. Јас би рекол дека има некаква тенденција, како рефлекс, да имам почетна мисла или идеја дека работите нема да успеат, дека некој проект нема да се заврши, некој инстант песимизам, но тоа не смее да биде инхибиција. Кога има некој тежок проблем тоа е првото чувство, но и на долг и на краток план мора да се биде упорен и да се има верба во себе и своите искрени намери и тоа е најдобриот водич што ги елиминира ваквите инхибиции. Патот на едно истражување е ужасно трнлив, постојано има неуспешни тестови, проблеми, но тоа е очекувано и е дел од целиот процес.
Ј.Ј.