Петиција „за последен први септември без сеопфатно сексуално образование“

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА денеска ги повика граѓаните да се потпишат на петицијата со која од Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски се бара воведување на предмет сексуално образование.

Петиција „за последен први септември без сеопфатно сексуално образование“

Според организацијата, сеопфатното сексуално образование е препорачана мерка за подобрување на здравјето на младите, на мајките и на целото население во три национални здравствени стратегии усвоени од Владата.

„Сите предуслови за воведување на ваков предмет се остварени. По истражувањата, насоките од стручната јавност како да се воведе, истакнати во Рамката за сеопфатно сексуално образование, препораките на собраниската Комисијата за еднакви можности за пилотирање на ваков предмет, готовите прирачни материјали за наставниците, како и Декларацијата потпишана од 48 невладини организации, се уште нема конкретни мерки за подобрување на пристапот до информации за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата во Македонија“, велат од ХЕРА.

Во петицијата која е достапна и онлајн, од министерот Ристовски се бара министерството за образование и наука да направи ревизија и осигура  целосна примена на предметот образование за животни вештини преку редовна инспекција на наставата, да го прифати прирачникот за сексуално и репродуктивно здравје подготвен од ХЕРА и да обезбеди обука на наставниците, како и да формира работна група која ќе подготви план за системско воведување на предмет, според упатствата од Рамката за сеопфатно сексуално образование.

Министерот за образование на наука, Спиро Ристовски денеска во Охрид ја отфрли иницијативата на граѓанската организација „ХЕРА“ за воведување посебен предмет сексуално образование во образовниот систем на Македонија, како и предлогот за употреба на нивниот прирачник како средство за едукација на младата популација.

Тимот на ХЕРА најави дека ќе собира потписи за иницијативата, од 3 до 5 октомври, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, од 11.00 до 16.00.

ХЕРА го промовираше и видео спотот за сеопфатно сексуално образование, осмислен од страна на младинската група, а во режија на Чедо Поповски и изведба на Блутанг ентертејмент.

К.О.