Иницијативата на студентите од Архитектонски факултет кои ги повикаа професорите на факултетот организирано да излезат во јавноста и, како што велат, да го одбранат тоа што остана од Скопје, досега е потпишана од 513 граѓани.
Оваа иницијатива доби и своја Фејсбук страна, која до утрово има 730 подржувачи, а на неа студентите бараат подршка од студентите на Архитектонскиот факултет-Скопје, Архитектонскиот факултет при Американ колеџ, сите професори вработени во истите, потоа Градежниот факултет, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Град Скопје, Факултетот за ликовна уметност и цела активна архитектонска интелигенција.
Студентите бараат од професорите да организираат заеднички трибини со презезентација за грешките на проектот „Скопје 2014“, да се презентира вредноста на модерната и постмодерната архитектура во Скопје, да и објаснат на македонската јавност со разбирлив јазик што се случува со градот, и на кој начин овој проект го разградува Скопје, наместо да го дополнува. Исто така се бара остварување на средби со градските власти и Владата но и други активности кои ќе отворат дебата за проектот од архитектонски, урбанистички, културолошки и социололошки аспект.
„Ве замолуваме, да ја разберете оваа иницијатива добронамерно, но и сериозно. Доколку ја игнорирате, ќе се превземат повеќе активности со кои ќе бидете јавно предизвикани, но и критикувани. Доколку немате сила да се справите со ова уништување на градот, кое се случува на неполн километар од вашиот објект, тогаш сте ја предале професијата без борба, а и сте разочарување за секој студент… Студентите имаат огромна почит спрема професорите и се водат според вас, вие сте нивните репери, време е да станете и нивните херои“, велат студентите во иницијативата.
Според нив, петицијата продолжува онлајн, а доколку професорите јавно не се произнесат за проектот „Скопје 2014“ во рок од 14 дена, иницијативата ќе направи се, за медиумите да ги притиснат да проговорат јавно.