Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #3“, преднастан на четвртиот „Скопскиот поетски фестивал“.
„На конкурсот пристигнаа 41 пријава, а интерната жири-комисија, составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот, го направи изборот“, посочуваат од фестивалот.
Наедно, УО на фестивалот изрази задоволство од бројот на примените пријави, како и од квалитетот на песните и талентот на кандидатите. Имињата на избраните 15-мина (по азбучен ред на презимето) се: Андреј Анѓеловиќ, Надица Банишка, Сања Василева, Душко Двојаковски, Вероника Димоска, Сара Ѓорѓијоска, Селин Есад, Моника Ивановска, Анамарија Јанкова, Јане Моневски, Милена Неделковска, Мила Поповска, Дарио Постоловски, Стефан Спасовски и Карла Шкрлец (Хрватска).
Настанот ќе се одржи на 29 мај, од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го одберат најдобриот меѓу нив, кој ќе чита и на официјалното отворање на фестивалот на 30 мај, заедно со другите учесници во официјалната програма.
„Упатуваме голема благодарност до сите што ни ги пратија своите песни за прочит и би сакале да ги охрабриме да продолжат да пишуваат! Праќаме и покана до сите нив да дојдат на настаните во рамките на фестивалот, што со многу љубов и внимание ги подготвивме за публиката“, велат организаторите.
„Скопскиот поетски фестивал“, чиешто четврто издание ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни, е поддржан од Министерство за култура, а негови помагатели се Младинскиот Културен Центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета.