Јубилејното петнаесетто издание на фестивалот за култура „БОШ“ во Гевгелија ќе се одржи од 18 до 20 август, а оваа година програмата е исполнета со изложби, музика, филмски проекции, поезија, книжевност, перформанси и видеоинсталации.
Во петок, на 18 август, фестивалот ќе биде отворен со изложбата „Простор“ на Анамарија Митриќеска Кал’чева, која ќе биде претставена во Градскиот амам во 20 часот, а ќе бидат изложени дела, акрил на платно.
Веќе во 21 часот, на Стариот пазар, свој поетски перформанс насловен „Аџамиски ем зрели параидолии“ ќе има поетот Стефчо Стефанов.
„Елегија, патриотска лирика, пејзажна лирика, народна епика, екосвест, класна сензибилизација, социо-политички ангажиран стих, кампањски стихувани нарачки, синдикално-револуционерна пропаганда и моно/поли/атеистичкo-освестувачка метрика – нема да бидат предмет на поетскиот перформанс на Стефчо Стефанов. Разочараните од ваквата најава нека не доаѓаат на настанот. На поетскиот перформанс авторот ќе има на располагање 50-ина минути да прикаже пред публика на кој начин и колкава победа извојувал над самиот себе во селектирањето на аудитивно-визуелен поетски материјал со кој ќе ги пополни тие 50-ина минути“, велат организаторите.
Истата вечер ќе има и проеквија на документарниот филм „Трн“ од Столе Ангелов и Никола Пијанманов, а документарецот е посветен на актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. По него ќе следува светската премиера на краткиот филм „Eros and Thanatos“од Александар Спасоски, по што ќе следува проекцијата на краткиот филм „ПС Бусан“ од Саша Станишиќ.
„Краток филм сниман во Бусан, Јужна Кореја, како дел од тринеделната режисерската резиденција на Саша Станишиќ во рамките на филмскиот фестивал Inter-City филм фестивал. Филмот е сниман на корејски јазик со целосно корејска екипа. Во филмот Саша Станишиќ одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо“, истакнуваат од „БОШ“.
Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со настап во живо и диџеј сет на „Блекстејт“ – темното алтер-его на Филип Тасевски – Fitz, музичар, текстописец и изведувач со повеќе од 20 години искуство, длабоко вкоренето во хардкор/панк сцената.
„Црпејќи од влијанија што варираат од експериментална електроника до синтпоп и хардкор панк, „Блекстејт“ (Blackstate) создава звук што е и незаборавен и возбудлив, комбинирајќи ‘катарзичен инструментален експериментализам со приземјувачки текст’, кој ги истражува темите љубов, загуба и погрешни вредности, кои го мачат модерното општество“, нагласуваат организаторите.
Втората фестивалска вечер ќе биде отворена со „Вечерен муабет“, книжевно возење на Стефан Алиевиќ, во Народниот театар во Гевгелија.
„Разговорот можеби ќе биде околу најстрашните соништа, за најгрозните бубачки, за најџиновското дрво смоква што расте некаде на југ или, пак, за судбината што ѕирка во талогот кафе. Не знаеме во какви матни води ќе нè заведат Стефан и Стево, ама вие секако дојдете на книжевната вечер. Преминете го прагот и влезете во вечерниот автобус. Не се знае каде точно оди тој автобус, но едно е сигурно, секогаш нè носи кон невидени нешта“, посочуваат од „БОШ“.
Фестивалот ќе продолжи со изложба на фотографии од Наташа Гелева, а изложбата насловена „Излишно“ се занимава со документација на објекти во распаѓање, јавни објекти што своевремено ѝ служеле на заедницата, а денес сведочат за нашата негрижа и изгубените вредности на солидарност, социјална и економска несигурност, општество што го става граѓанинот на последно место.
Дополнително, ќе биде отворена и изложбата на цртежи и графики од Марија Ќорнакова, насловена „Спознавање“, а ќе се одржи и промоција на арт-книга од Матеј Богдановски, насловена „Aiii! art“.
Делото претставува збирка на илустрации и кратки раскази, која на комичен начин го коментира апсурдното секојдневие претставено низ медиумите, кои како да се редактирани од некој софтвер на широк јазичен модел.
Во рамки на вториот фестивалски ден, но и на јубилејното издание од фестивалот, ќе биде претставена и скулптурата „БОШ скулптура“ од оревово дрво комбинирано со метал, наменски изработена за фестивалот од страна на Александар Јанев.
Потоа, ќе следи изложба на фотографии од студенти на Факултетот за ликовна уметност, насловена „Те гледам!!! …поинаку…“, а претставените дела, создадени со користење на интеракција на светлина, сенка и перспектива, вешто оркестрираат сложен танц помеѓу уметничката интерпретација и експерименталноста.
Во втората фестивалска вечер ќе се одржи и проекција на долгометражниот филм „The Hip“ од Јане Алтипармаков, што претставува своевидно документарно надополнување на долгометражното ДВД-видео издание The Hip-Reality Overdrive.
„Во филмот се појавуваат: Васко Атанасовски (Бернајс пропаганда, Балкан Велики), Toшо Филиповски – автор на првата сеопфатна македонска рок-енциклопедија, Саша Павловиќ (Suns), Ивица Димитриевиќ (SIZ), Мирко Попов (PMG Kolektiv), Костадин Шурбановски (Канал 103), Сеад Хаџиќ (Last Expedition, Mooger Fooger), членови на групатa The Hip, Morbid Joker, Музичка младина“, велат од фестивалот.
Оттаму дополнуваат дека во филмот се измонтирани архивски снимки од настапите на Електрични оргазам, Екатерина Велика, легендарните Nirvana, Psychic TV, Buzzcocks, Sonic Youth и Young Gods.
„ФИЈУК Македонија“ – саемот на независни продукции ќе се одржи во рамки на втората фестивалска вечер, во Стариот пазар, а независни издавачи ќе претстават графики, плакати, постери, музика, мапи, арт-книги, фотографии или монотипии.
Потоа ќе следува изложба на стрип табли и графичката новела „Зомбиленд“ од Горанд Дачев, по текст на Емил Алексиев.
Организаторите посочуваат дека делото е пародија на современиот начин на живеење, инспирирано од урбаната митологија и популарната култура.
„Напишана е под влијание на pulps списанијата, филмското платно, science fiction и Б-филмовите, film noir, ‘spicy/saucy’ телевизиските програми (soft porn), андерграунд стрипот и од авантуристички, детективски и гангстерски романи полни со неразјаснети убиства и мистерии’, велат авторите.
Дополнително ќе се одржи и сликарски перформанс на Александар Дениќ, како и изложба на монотипии насловена „Дали сте виделе мечка“ од Алиса Лаурешес, посветена на регионот на Азот и Планинарскиот дом „Папрадиште“, особено на екипата на „Грин пауер“, која се грижи за домот, како и за планинска маркација на овој регион.
Јубилејното издание на „БОШ“ ќе биде заокружено со видеоинсталацијата „Очи“ на Ице Капсаров и музички настап на француското трио „Portron Portron Lopez“, чија музика е микс од психоделичен рокенрол, афрокарипска ритмика и ориентална трансичност.