#ПетокМиЕ е нова едиција стикери на македонски јазик што од денес е официјално достапна на социјалната мрежа Инстаграм.
Креатори на стикерите се Ико Илиевски и Димитар Караташев. Тие во моментов имаат создадено 13 стикери кои кои можат да се најдат под рубриката GIF, со впишување на клучни зборови како: петок, petok, петокмие, petokmie. Стикерите се фрази, зборови кои се дел од разговорниот јазик на помладите генерации. Истите можат да се слушнат при нивните разговори на кафе или пијачка, во читална, во аулата на факултет, во парк, во маало или слично, велат авторите.
„Дојди во маало“, „Штеди, криза е“, „Верувај во себе“, „Ај на клупи“, „Седни учи“, „Тотално зелени“, „Испитна ми е“, „Не се сите исти“, „Лето е“ се дел од првата група стикери. Според авторите, истите имаат за цел да ги поттикнат младите на социјализација, учење и реализирање на нивните обврски, кон себе си и заедницата во која живеат.
„Втората група стикери се однесува на моментите на дружење, дочекување на викендот, како период кога одмараме, имаме повеќе време за себе и за луѓето кои ги сакаме. И тука можете да ги користите стикерите како: ‘Петок ми е’, ‘Живеам за викенд’ и ‘Сите сме луди’“, нагласуваат тие.
Илиевски и Караташев велат дека основната цел за креирање на стикерите им била младите, но и сите граѓани повеќе да го користат македонскиот јазик на социјалните мрежи.
„Заштитата и афирмацијата на јазикот треба да биде од секој аспект, вклучително и во
контекстот во кој се однесуваат и изразуваат новите генерации. Овие стикери за социјални мрежи произлегуваат од она што младите навистина го зборуваат меѓу себе. Повикуваат на акција, одговорност, но содржат и моменти на хумор и фрази кои ги користат во секојдневната неформална комуникација“, истакнуваат тие.
Проектот за првата едиција стикери на македонски јазик е дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2022, објавен од Министерството за култура.