Петтото издание на МакеДокс- фестивалот за документарен креативен филм годинава од 14-20 јуни, ќе донесе нова филмска магија меѓу ѕидините на Куршумли Ан и МКЦ.
Со 20 долгометражни филмови и голем број кратки документарни филмови, МакеДокс и оваа година ќе раскаже приказни за различни луѓе, култури и судбини зачинети со многу насмевки, солзи, копнежи и потреба за креативно изразување, особено преку употребата на архивскиот материјал. Затоа годинава во рамките на фестивалот ќе се одржи и работилница за употреба на архивата во документарниот филм како еден вид на моќно визуелно средство за создавање автентични и документарни филмови со висока уметничка вредност.
Како што најавуваат организаторите, програмата на МакеДокс ќе понуди и многу документарни филмови интересни за млади, филмови кои зборуваат за заљубувањето, за зависноста од интернет, за креативноста и неформалното образование, за една генерација на креативни млади луѓе и бунтовници кои пред 100 години, исто така, живееле во едно вакво, потрошувачко општество и се обиделе преку создавање на алтернативни движења да му пружат отпор.Сите овие приказни повторно се присутни на филмското платно, а се доживуваат за блиски токму поради употребата на архивскиот материјал.
МакеДокс и годинава не заборави да им отстапи простор и на студентите од Факултетот за драмски уметности, па во својата програма има и неколку документарни филмови изработени од нив. Она што МакеДокс, оваа година посебно сака да го сподели со студентите е студентската карта од 500 денари за студенти до 27 години со која ќе можат да присуствуваат на сите проекции во текот на фестивалот и да ги вкусат зачините на оваа „Петка со кромид” MакеДокс дружба!