Доколку се сметате себеси за доволно слободни и креативни, и пред сè, со широко отворена душа, Гевгелија е вистинското место. Вака организаторите петтото издание на мултимедијалниот арт-фестивал „Бош“ ги поканија заинтересираните од 23 до 25 август да бидат дел од богатата музичка и културна фестивалска понуда.
Во текот на трите фестивалски дена предвидени се бројни, off-mainstream содржини, (професионални и аматерски) театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања. Сите настани се бесплатни.
Годинава во рамките на музичката програмата на фестивалот ќe учествуваат „Zebra Tracks“ од Атина, „Клопка за пионира“ од Панчево,„Zea“ од Амстердам, додека од земјава настап ќе имаат „The John & Space Rebel Gang“ и „Дa Џака Накот“. Во рамките на фестивалот е предвиден и „freestyle jam session“ на дваесетина домашни, странски и локални музичари. Свој диџеј сет ќе имаат „Новоградска“, „Martchin [OffPop]“, Мирко Попов.
„БОШ е инвазија врз духот, акт за маркирање на културно-естетска, ‘слободна територија’! БОШ е и фузија и конфузија, и сензибилизација и вулгаризација! БОШ е меѓупростор кој поврзува, во потрагата по своето време и потреби“, посочува организаторот.
Фестивалот ќе се одржува на повеќе локации во центарот на Гевгелија. Првото издание на „Бош“ се случи во 2009 година, во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски.