Петтото издание на Флипбук филм фестивал ќе претстави околу 100 анимирани филмови

Годинешното, јубилејно петто издание на фестивалот на анимирани филмови Флипбук филм фестивал ќе се одржи од 8 до 11 август на веќе препознатливата локација – летното кино на Кинотеката на Северна Македонија. Фестивалската програма годинава е исполнета со речиси 100 анимирани филмови поделени во пет категории.

Во главната селекција годинава влегуваат 16 анимирани филмови, меѓу кои португалскиот филм „De Imperio“ во режија на Алесандро Новели и филмот „27“ на унгарската режисерка Флора Ана Буда. На големото платно пред Кинотеката ќе се прикаже и филмот „Хармс“ во духот на руската авангарда, а инспириран од кусите раскази на рускиот писател Данил Хармс. Жирито за главната категорија е составено од Андријана Ружиќ, Никола Гилиќ и Влатко Галевски.

Седум филмови ќе бидат прикажани во категоријата на анимиран документарен филм – „Anidoc Competition 2024“. Меѓу насловите се „Rosaria’s marrige“ во режија на Адина Оана Ениче од Италија, „Swimming with Wings“ од холандската авторка Дафна Авадиш Голан и „The Waiting“ од германскиот аниматор Вокер Шлехт кој ја раскажува приказната за истражувачката Керен Липс која ја интересираат жаби во Костарика.

Студентската селекција годинава брои 17 наслови. Во оваа категорија публиката ќе може да погледне филмови на студенти од Велика Британија, Латвија, Естонија, Хрватска, Германија, Холандија, Белгија, Полска, Португалија и Грузија.

Не помал број наслови се избрани и во категоријата за анимирани музички спотови. Во оваа група ќе се натпреваруваат и спотот на песната „Ciao Bella“ од Димитрије Димитријевиќ во режија на Александар Ристески и „Monday“ од Гоце Стевковски Септет во анимација на Наташа Андонова и режија на Гоце Цветановски. Анимираните музички спотови ќе се прикажуваат во кафе-книжарницата „Буква“, што е новитет за ова издание.

Жири комисијата за студентските филмови и музичките спотови е во состав на Гала Фрекон, Никола Радуловиќ и Ана Опачиќ.

Категоријата „European Panorama“ годинава на публиката ќе ѝ претстави 40 различни наслови. Меѓу нив се „Wormwood-25“ од руската режисерка Надиа Голдман, „Impossible Maladies“ од италијанскиот илустратор и филмаџија Стефано Тамбелини. Целосната листа на филмовите во оваа категорија може да се види овде.